Црвената панда (Ailurus fulgens) е мал цицач кој живее на дрво во источниот дел на Хималате и југозападниот дел на Кина. Таа е единствениот вид од групата Ailurus. Малку поголема е од домашните мачки и е црвеникаво-кафена, со долга бушава опашка, и тромав од поради тоа што предните нозе му се пократки. Се храни главно со бамбус, но спаѓа во групата на сештојади и може да се јаде и јајца, птици, инсекти и мали цицачи. Живее сам и е главно активен од самрак до зори, .а преку денот одмара.

Црвената панда од страна на IUCN е класифицирана во групата на загрозени животни бидејќи оваа популација се проценува на помалку од 10.000 возрасни единки. Иако црвени панди се заштитени со националните закони земји во кои се застапени, нивниот број во дивината продолжува да се намалува пред сè поради загубата на природното живеалиште и фрагментација, ловокрадството, и намалување на опстанокот и плодноста поради вкрстувањето.

Црвената панда претходно била класифицирани во семејството Procyonidae (ракуни) и Ursidae (мечки), но по неодамнешните истражувања е сместена во семејството Ailuridae, во потсемејството Musteloidea заедно со Mustelidae и Procyonidae. Познати се два подвида.

Физички одлики

Црвените панди имаат висина од 56–63 см, а нивната опашка е долга околу 37–47см. Мажјаците тежат 3,7-6,2 кг а женките 4,2-6,0 кг. Горниот дел на телото им е покриен со меко крзно во црвеникаво-кафена боја, долниот со потемно крзно. Имаат цврсти заби а лицето им е светло со бели шари слични на оние на ракунот, кај секој од нив различно распоредени. Имаат тркалезна глава со средно големи исправени уши, црн нос и многу темни очи. Нивната долга влакнеста опашка со шест наизменични жолтеникаво-црвени прстени обезбедува баланс и одлична камуфлажа во нивните живеалишта од мов и дрвја покриени со лишаи. Нозете им се црни и кратки со дебело крзно на шепите. Тоа крзно им служи како топлинска изолација на замрзнати и снежни површини и ги покрива жлездите за мирис кои ги има и на анусот.Црвената панда е претставена како цицач обвиснат на бамбус со силни, заоблени и остри канџи, во исправена положба висејши по гранките, лисјата и плодовите од дрвјата. Како и џиновската панда, и оваа панда го има "лажниот палец", кој е продолжување на зглобната коска. Кога се симнува по дрвото со главата надоле, црвената панда го свртува глуждот за да го урамнотежи симнувањето, што е едно од ретките начини на симнувања на ваквите видови.

Распространетост и живеалиште

Црвената панда е ендемски вид во умерените шуми на Хималаите, и ја има од подножјето на Непал на запад до Кина на исток. Најисточниот предел каде што може да се сретне се планините Гујлинг во покраината Шанси во Кина. Таа живее во јужниот дел на Тибет, Сиким, Асам и Бутан, во северниот дел на планините на Мјанмар, и во југозападниот дел на Кина на планините во Сечуан и планината Гунгшан во Јинан. Може да живее и во југозападниот дел на Тибет и северниот дел на Аруначал Прадеш, но ова не е потвредена информација. Места со најголема застапеност на црвени панди се Хималаите, за кои се смета дека се прибежиште за голем број ендемски видови во Плеистоценот. Распространетоста на црвениот панда не е секаде еднаква. Едно од постојаните живеалишта на ова животно е Мегалаја, североисточна Индија.

За време на истражувањето во 1970-тите, траги од црвени панди биле пронајдени во ловечкиот резерват Дорпатан во Непал. Нивното постоење беше потврдено пролетта 2007 година кога четири црвени панди беа забележани на надморска височина од 3.220 до 3.610 метри (10.560 на 11.840 стапки). Најзападниот предел каде ги има овие видови е националниот парк Зара кој се наоѓа западно од ловечкиот резерват Дорпатан. Нивното постоење беше потврдено во 2008 година.

Црвената панда живее на надморска височина од 2.200 и 4.800 метри (7200 до 15.700 стапки) во области со умерена температура помеѓу 10 и 25 °C / 50 и 77 °F и мала температурна промена во текот на годината. И годат планинските мешани листопадни и иглолисни шуми, особено оние со стари дрвја и густи бамбуси.

Реалната бројка на црвени панди во Сечуан е поголема и попостојана од онаа во Јунан, што подразбира јужна експанзија од Сечуан до Јунан. Во август 2010 година, археолозите открија фосилни остатоци од црвена панда во Вашингтон во американската држава Тенеси. Иако не е познато дали денес ги има и во дивината во Северна Америка, се верува дека црвената панда можела да се најде во планините на источен Тенеси пред околу 4,5 милиони години.

Црвената панда е истребена од покраините Гуејџоу, Гансу, Шанси и Ќингхај. Распространетоста на црвена панда не е секаде еднаква. Познати се два преживеани подвида:

Западна црвена панда (Ailurus fulgens fulgens) (Cuvier, 1825) - живее во западните делови на Непал, Асам, и Сиким и Бутан; Црвена панда Styan (Ailurus fulgens styani) - живее во источно-североисточните делови на јужна Кина и северен Мјанмар.

Опис за Ailurus fulgens styani е даден од страна на Thomas Pocock во 1902 година врз основа на еден череп од примероците собрани во Шечвен (Szechwan). Покек ги издвои styani од fulgens по нивното подебело крзно и позабележителна ишараност, поголемиот череп, поискривениот преден дел, и поцврстите заби. Неговиот опис е заснован на черепи и кожи собрани во Szechwan, Myitkyina во близина на границата на Јунан, и Горна Бурма.

Црвена панда Styan е наводно поголема и со потемна боја од нејзините западни братучеди, но постојат значителни промени во обете подвидови, па некои од нив може да бидат кафеави или жолтеникаво-кафеави место црвена.

Реката Brahmaputra често се смета за природна поделба на живеалиштата на двата подвида, и тоа на местото каде што прави лак кон источниот крај на Хималаите. Некои автори пак укажуваат на тоа дека А. Ф. fulgens живеат подалеку на исток, во Кина.

Биологија и однесување

мини

Црвените панди се територијални животни. Возрасните постојано се сами освен во сезоната на парење. Обично се тивки а испуштаат некои звуци и фрчења за меѓусебна комуникација. Спаѓаат во ноќни животни, спијат на гранките на дрвјата или во вдлабнатините на едно дрво во текот на денот а стануваат активни во доцните попладневни и во вечерните часови. Спијат испружени на една гранка со обвиснати нозе надолу кога е жешко, и со завиткана опашка преку лицето кога е студено. Многу се чувствителни на топлина, и оптимална пријатна температура за нив е од 17 до 25 °C (63 до 77 °F), додека температура над 25 °C (77 °F) не можат да поднесат.

Набргу по разбудувањето, црвени панди си го чистат крзното како што прават мачките, си ги лижат предните шепи и си ги тријат грбот и стомакот од земјата и по страните на дрвја или камења. Потоа се движат на нивна територија и ја обележуваат со урина и со слаб мошусов мирис од нивната анална жлезда. Бараат храна по земјата или на дрвјата. Храната ја земаат со шепите а вода пијат така што ја ставаат шепата во вода и потоа ја лижат.

Грабливци на црвената панда се снежниот леопард, martens (Mustelidae) и луѓето. Ако се почувствуваат загрозени или насетат опасност овие животни се обидуваат да избегаат качувајќи се по карпи или на дрвја. Ако не се во можност да избегаат стојат на задните нозе за да изгледаат поголеми и ги употребуваат острите канџи на нивните предни шепи за да се одбранат.

Исхрана

Црвените панди се одлични јазачи и најчесто храна бараат на дрвјата. Главно се хрант со бамбус, а можат да јадат и мали цицачи, птици, јајца, цветови и плодови. Во заробеништво биле забележани како јадат птици, цветови, лисја, кора и плодови.

Како и џиновската, и црвената панда не може да ја свари целулозата, па мора да консумира големо количество бамбус за да преживее. Нивната исхрана се состои од бамбус околу две-третини, но тие исто така јадат и печурки, корења, желади, лишаи и треви. Понекогаш ја дополнуваат својата исхрана и со риба и инсекти.

Пупките од бамбусот се полесно сварливи од лисјата, и најлесно сварливи се во лето и есен а најтешко сварливи во зима. Ова е поврзано со хранливите материи содржини во бамбусот. Црвениот панди тешко го обработуваат бамбусот, особено целулозата содржана во него и компонентите на клеточниот ѕид. Ова значи дека микробната дигестија има споредна улога во целата дигестивна стратегија. За да опстанат покрај ваквата лоша исхрана, црвените панди мораат да ги јадат висококвалитетните делови на бамбус растенијата, како што се меките лисја и пупки и тоа во огромни количини, од 1,5 килограми / £ 3,3 свежи листови и 4 килограми / £ 8,8 свежи пупки дневно. Оваа храна минува низ дигестивниот тракт прилично брзо (~ 2-4 часа), и така се зголемува внесот на хранливи материи. Црвените панди можат да вкусат и вештачки засладувачи како што е аспартамот.

Размножување

Црвените панди се способни за размножување од 18 месечна возраст, а зрели во втората-третата година. Возрасните ретко комуницираат во дивината, освен за парење. Двата пола можат да се парат со повеќе од еден партнер во текот на сезоната за парење од средината на јануари до почетокот на март. Неколку дена пред раѓањето, женките почнуваат собираат материјал, гранки, трева и лисја за да си создадат легло, најчесто во шупливо дрво или во пукнатина на карпа. Бременоста трае околу 131 ден, во средината на јуни до крајот на јули женката раѓа едно до четири слепи и глуви младенчиња од кои секое тежи 110-130 грама.

По раѓањето мајката ги чисти младенчињата и така потоа може да ги препознава по нивниот мирис. Првата недела таа поминува од 14 до 22 часа со младенчињата а после тоа повеќе време поминува надвор од леглото, а се враќа на неколку часа да ги нахрани и исчисти. Често ги преместува од едно во друго легло, и притоа сите легла ги одржува чисти. Младенчињата прогледуваат околу осумнаесеттиот ден од животот. До деведесетиот ден веќе имаат крзно и шари на возрасна панда и почнуваат да шетаат надвор од седлото. Во шестиот до осмиот месец почнуваат да јадат тврда храна. Младенчињата остануваат со мајката до доаѓањето на следните младенчиња на лето. Мажјаците ретко помагаат во одгледувањето на младите, и тоа само ако живеат во парови или во мали групи.

Просечниот животен век на црвените панди е 8 до 10 години, но има и такви кои живеат 15 години.

Закани

Основната закана за црвените панди е директно од природата. Конкуренцијата со домашните животни доведува до деградација на живеалиштата а уништувањето на шумите резултира со загуба на природното живеалиште или до поделба. Сериозноста на овие фактори е различна во секој регион, и не е доволно согледана. Во Индија на пример, најголема закана се чини дека е загубата на природното живеалиште како последица на ловкрадството, додека пак во Кина најголемата закана се чини дека е самиот лов и ловокрадството. Во Кина е забележана намалена застапеност на црвените панди за 40% во последните 50 години, а во западните области на Хималаите уште помала.

Сечењето на шумите може да доведе до намалување на распространетоста на црвените панди и да поттикне топографска и еколошка поделба на природната популација, што пак доведува до сериозна фрагментација на другите видови диви животни. Помалку од 40 животни во 4 одделни групи ги делат природните богатства со луѓето во Langtang Националниот парк во Непал, каде што на само 6% од 1.710 квадратни километри живеат црвени панди. Конкуренција за храна со домашните животни не е забележана, но овие животни можат да го намалат растот на бамусот со газење преку него.

Малите групи на животни имаат мала можност за меѓусебно вкрстување па се соочуваат со ризик од вкрстување со крвни сродници, намалена генетска разновидност, па дури и со ризик од изумирање. Освен тоа, целосното оголување на шумите за дрва за огрев или за потреби во земјоделството, вклучувајќи ги и ораниците, подразбира и отстранување на старите дрвја кои претставуваат дувла на мајките а и ја намалува способноста на некои видови на бамбус да се регенерираат.