Чешиново — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Селото до 2004 година било административно седиште на некогашната истоимена општина и служи како главно село за останатите села во околината.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, сместено во средишниот дел на Општина Чешиново-Облешево. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 225 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 12 километри.

Селото е поврзано со асфалтен пат со некогашниот патен правец Штип-Кочани, а со новиот експресен пат Штип-Кочани на А3 се пристапува преку клучката кај Спанчево.

Чешиново е изразено низинско село, а во непосредна близина се наоѓа железничката пруга Кочани-Штип со железничката станица „Соколарци“ (наречена вака, бидејќи во 1960-тите години станицата се наоѓала 800 метри оддалечена од Чешиново, а денес скоро да е во самото село). Соседни села се Чифлик, Облешево, Соколарци и Уларци. Водата за пиење се добивала од два бунари - Бакамски и Ѓиров Бунар (длабоки 4 и 5 метри). Во останатите бројни бунари водата не е добра за пиење.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Барутница, Корито, Селско, Вртопи, Горни Џерен, Кула, Кинџурка, Долномалски Авлии, Црна Земја, Оризиште и Лака.

Соколарци има збиен тип, а куќите се групирани во три маала: Долно, Средно и Горно Маало. Горното Маало се протега кон железничката станица.

Историја

Чешиново е старо село што може да се заклучи од зачуваните староседелски родови. Постојат три такви рода, додека во минатото нивниот број бил поголем. Некои старинци имале своја земја дури и за време на отоманскиот период.

Околу 1900 година, Чешиново имало околу 25 македонски куќи и своја земја имале само Ќимовци.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 610 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.

Во селото работи погон за мелен камен во склоп на рудникот „Опалит“, земјоделска задруга и услужни објекти.

Главна земјоделска култура е надалеку познатиот ориз, а исто така почвата е погодна за производство и на шеќерна репа.

Покрај споменатиот рудник „Опалит“, во селото се активни и следниве претпријатија: „Мак-Млин“, „Млин-Пајо“ - фабрика за луштење на ориз, „Бобик“, „Прогрес“, „Млин Кула - Прогрес“, „Ледер“ - погон за дрвна индустрија, „Естетика“ - погон за производство на гранитни плочки и мермер, бензинска пумпа „Еуро Петрол“, како и неколку занаетчиски дуќани „Автосан“, „Егеј“, „Б+“ и други. Најголем број од женската работна рака е вработена во модната конфекција „Јоти“ - погон за лесна конфекција.

Во отоманскиот период постоеле пет турски чифлици, чии сопственици биле Јашар-бег, Бедријан-бег и Дурак-бег од Кочани, како и некој Турчин со име Клинчар од Скопје и еден кратовски бег. На местото Кула се наоѓала кулата на Јашар-бег.

Во периодот 1913-1915, земјата од чифлиците ја откупиле мештаните.

На месноста Барутница за време на Турците се правел барут, а во тоа учествувале Ромите. На површината на месноста се забележуваат мали тумби.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чешиново живееле 310 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Чешиново имало 320 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.

Селото е големо и е населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 1.134 жители, а во 1994 година 1.052 жители.

Според пописот од 2002 година, селото имало 998 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 727 жители, од кои 703 Македонци и 24 лица без податоци.

Родови

Чешиново е македонско село.

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се: Староседелци: Ќимовци (8 к.), Бакамци (5 к.) и Поровци (3 к.). Доселеници: Богатиновци (7 к.), Тошевци (6 к.), Кузмановци (5 к.), Левковци (3 к.) и Лебарци (3 к.), доселени се во XIX век од селото Спанчево; Неделковци (10 к.) и Шоповци (6 к.), доселени се во XIX век од селото Страцин во Кратовско; Пиљавци (7 к.), доселени се во XIX век од селото Саса кај Македонска Каменица; Виткарци (4 к.) и Андоновци (3 к.), доселени се од селото Сарчиево во Штипско; Бурилчанци (3 к.), доселени се од селото Бурилчево; Цековци (3 к.), доселени се од селото Мојанци, а таму биле доселени од селото Спанчево; Трендафиловци (3 к.), доселени се од селото Соколарци; Паљут (1 к.) и Кучичанци (1 к.), првите се доселени од Спанчево, а вторите од Кучичино; Бојковци (8 к.), Ќировци (6 к.), Здравевци (4 к.) и Чочковци (4 к.), доселени се, но не знаат од каде.

Играорец во македонска народна носија во селото

Иселеништво

Се знае за староседелците Цијаковци (Илија Цијак и други) дека се иселиле во Кочани, а во турско време се иселиле и некои мештани од староседелскиот род Ќимовци (Аџи Станко и Митре). Други македонски иселеници од Чешиново живеат во селата: Чифлик (Кашовци, 6 к. и Златанови, 5 к.), Бурилчево (Шарковци, 5 к.), Облешево (Ставреви, 3 к. и Баба Ќекини, 2 к.) и Прибачево (Божиново, 3 к. и Апостолови, 2 к.).

Општествени установи

Подрачното основно училиште „Страшо Пинџур“, деветгодишно основно училиште во состав на ОУ „Страшо Пинџур“ - Соколарци Пошта (2333) Амбуланта Аптека

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Чешиново било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Чешиново.

Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Чешиново, во која покрај селото Чешиново, се наоѓале и селата Врбица, Жиганци, Лепопелци, Ново Селани и Соколарци. Селото повторно било седиште на некогашната Општина Чешиново во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врбица, Жиганци, Лепопелци, Соколарци и Чешиново.

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места бр. 0875 и 0876 според Државната изборна комисија, сместени во поранешната општинска зграда и задружниот дом.

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 717 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 748 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква; и Црква „Св. Петка“ — мала селска црква.

Редовни настани

Слави Свети Константин и Елена (3 јуни) — главна селска слава

Поврзано Општина Чешиново-Облешево Кочанска Котлина

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кочански села Категорија:Села во Општина Чешиново-Облешево