Макреш — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Поглед на маалото Средњаци
Селото се наоѓа во јужниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, непосредно од левата страна на патот Куманово-Крива Паланка. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 340 до 430 метри, а од градот Куманово е оддалечено 19 километри.
До селото води локален земјен пат, кој се двои од асфалтираниот пат кој води кон Бајловце.
Куќите на ова село се наоѓаат во долината на реката Петрошница и на околните благи падини. Соседни села се Канарево, Облавце, Стрновац и други. Водата за пиење доаѓа од послаби извори и од неколку бунари. Изворите се викаат Киселарник, Крушка, Драганац, Бела Вода и Десетачки Гумна. Сите извори и бунари лете пресушуваат, освен изворот Крушка во Влашкото Маало.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Перос, Кшла или Бачевиште, Бела Чука, Веља Глава, Расје, Драганац, Плосје, Рамниште, Криви Дол, Ковиљица, Петрково, Десетачки Гумна, Чукарица, Киселарник, Св. Јован, Кршена Страна, Чука, Селиште, Црквиште или Стара Школа.
Селото има разбиен тип, поделено на маала кои се нарекуваат Горно, Средно, Влашко, Киселарник и Печењаци. Најстаро е Влашкото Маало.
Историја
Подрачјето на Макреш е населено уште од бакарното време, за што сведочи наоѓалиштето Градиште западно од селото.
Нема историски податоци кога е основано денешното село. Денешните мештани имаат предание дека селото било основано од словенски доселеници од планината Мокра. По таа планина и биле наречени Мокрешани (Макрешани), па така се добило и името на селото.
За време на отоманскиот период, овие мештани се изгубиле или се иселиле. Постари иселеници од Макреш има во Врањско, како Мутавџици (3о к.).
Празниот селски атар го зафатиле кумановските Турци и основале чифлици и на нив потоа населиле нови македонски жители. Од раните доселеници (чифлигари) потекнуваат денешните родови: Поповци и Ѓорѓијовци во Средно Маало, Стојменови и Антевци во Киселарник, Спасовци во Печењаци и Гиовци и Спиридоновци во Горно Маало.
Во втората половина на век се населил влашкиот сточар Ташко, кој имал 600 овци и околу 60 хектари земја. Неговите овци лете биле на Осоговските Планини (Калин Камен), додека зиме биле во Макреш (Веља Глава). Ташко имал четири сина, од кои само еден останал во селото, додека останатите тројца се иселиле до Првата светска војна.
Пред крајот на отоманскиот период, најдобрата земја ја држеле тројца турски браќа и Влавот Ташко. Земјата на Турците селаните ја откупиле по Првата светска војна, додека влашката земја била продадена подоцна. Од беговите во атарот на Макреш доста земја купиле и мештани од другите села (Стрновац, Стрезовце и Старо Нагоричане). Порано во селото имало и православни Роми, како што бил родот Јаќимовски (1 к.), кои отишле во соседното Војник.
По Првата и по Втората светска војна, селото добило нови доселеници, населувајќи се на земјата која ја купувале од Турците и од иселените Власи. Потекнувале од околните кумановски села (Дејловце, Аљинце, Старо Нагоричане) или од Горна Пчиња (Сурлица, Поддржи Коњ, Широка Планина).
Иако на селото се забележани археолошки наоѓалишта, Јован Трифуноски не ги забележал и укажува на старини само на месноста Селиште, западно од селото, каде се наоѓале слаби остатоци од куќи. На месностите Св. Јован и Спасовден постоеле црквиште. На првата месност по Првата светска војна била подигната денешната црква „Св. Јован Крстител“.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 7 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 400 хектари, додека на пасиштата отпаѓаат 238 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција.
Во Макреш, како и во околните села, најмногу се развиле земјоделството и сточарството. Најмногу се одгледувале овци и жито.
По Втората светска војна, земјоделската задруга од Младо Нагоричане основала сточарска фарма со околу 600 крави. Во 1965 година, фармата била напуштена.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Макреш живееле 235 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Макреш имало 256 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци и 25 до 50 Власи.
Макреш е мало село, коешто во 1961 година броело 275 жители, а во 1994 година 58 жители, од кои 51 бил Македонец и двајца жители Власи.
Според пописот од 2002 година, селото броело 40 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 32 жители, од кои 29 Македонци и 3 лица без податоци.
Родови
Макреш е македонско село. Сите родови се доселени.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1970 година, родови во селото по маала се: Горно Маало: Гијови (2 к.), Спиридонови (2 к.) и Попови (1 к.), доселени се однекаде во XIX век; Алинчани (1 к.), доселени се од селото Аљинце; Огутчани (1 к.), доселени се од селото Дејловце. Страчинчани (1 к.), доселени се од селото Страцин; Младенови (1 к.), доселени се од селото Руѓинце; Младенови (1 к.), доселени се од селото Широка Планина во Горна Пчиња и Облавчани (1 к.), доселени се од селото Облавце. Средно Маало: Поповци (4 к.) и Ѓоргијови (1 к.), доселени се однекаде во XIX век. Од Поповци потекнувале селските свештеници; Нагоричанци (2 к.), доселени се од селото Старо Нагоричане; Додевски (1 к.) и Јовановски (1 к.), доселени се од селото Дејловце; Додевски (1 к.), доселени од Страцин и Ѓошевски (1 к.), доселени се од селото Сурлица во Горна Пчиња. Влашко Маало: Ташкови (1 к.), по потекло се Власи. Овде живеат од XIX век; Дејловчани (2 к.), доселени се од селото Дејловце; Картаљаци (2 к.), доселени се од селото Орах; Алинчани (1 к.), доселени се од селото Аљинце и Денкови (1 к.), доселени се од селото Младо Нагоричане. Киселарник Маало: Антевски (2 к.) и Стојменови (2 к.), стари родови во селото и Станојевски (2 к.), доселени се од селото Подржи Коњ кај Крива Паланка. Печењаци Маало: Спасини (2 к.), стари доселеници со непознато потекло; Алинчанци (4 к.) доселени се од селото Аљинце и Петковски (2 к.), доселени се од селото Старо Нагоричане.
Иселеништво
Макреш нема добри услови за живот, па така населението почнало да се иселува.
Овчеполското село Макреш е основано од доселеници од кумановското село Макреш. Потоа постари иселеници имало и во селото Врсаково во Овче Поле. За поединечни родови се знае: Макрешани се иселени во селото Орашац; Макрешанци се иселени во селото Јачинце; Цветановски се иселени во селото Војник и Петрушеви се иселени во селото Клечевце.
После Втората светска војна населението почнало да се иселува по градовите. Највеќе иселеници има во Куманово. Таму неколку родови целосно се иселени.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Макреш било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облавце, во која покрај селото Макреш се наоѓале и селата Војник, Дренок, Канарево, Облавце, Орах, Ругинце и Стрезовце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облавце, во која влегувале Канарево, Макреш, Облавце и Стрезовце.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1185 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Воздушен поглед на црквата „Св. Јован Крстител“
Археолошки наоѓалишта Градиште — населба од бакарното, железното и раноантичкото време; Петрково — некропола од римско време; Св. Јован — некропола од средниот век; и Црквиште — црква од средниот век.
Цркви Црква „Св. Јован Крстител“ — главна селска црква.
Редовни настани
Слави Свети Јован летен (7 јули) — селска слава.
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане