Осиче — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во источниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Ранковце. Селото е планинско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 800 метри, а од градот Куманово е оддалечено 38 километри.

До селото води локален земјен пат, кој се двои локалниот асфалтен пат до селото Бајловце.

Селото се наоѓа на југозападната падина на планината Козјак, во изворишниот дел на реката Петрошница. Околни села се Жељувино, Дејловце, Дренок и Гулинци. Водата за пиење се добивала од извори и бунари.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Аниште, Урошева Бара, Буковац и Голем Камен. Во минатото и меснотите Вирови и Дреноско Осоје биле во атарот на Осиче, но сега припаѓаат на поголемото Дренок.

Селото има разбиен тип и маалата се групи на семејства од ист род поради што се наречени по името на родот. Најголеми се Миленковско Маало и Дитковско Маало, додека останатите четири маала имаат по една куќа.

Историја

Остатоци на стара населба има на месноста Аниште, која се наоѓа на атарската граница помеѓу Осиче и Жељувино. Ѓорѓе Спасевски од Осиче во 1970 година таму откопал голем земјен ќуп, кој го чува во својата куќа.

Преданието наведува дека денешното Осиче било релативно мало село. Го основале доселеници во првата половина на век. Прво дошле предците на Миленковци од едно пониско село околу Крива Паланка, а по нив дошле и доселеници од селото Вак’в во долината на Пчиња, кои денес не се присутни.

Куќите на првите доселеници биле на потегот Буковац, во близина на возвишението Гоглин. Таму се наоѓа местото Голема Нива со стари гробови. Мештаните подоцна се спуштиле на пониско земјиште, на местото на денешните маала.

Мештаните на Осиче и на околните села во минатото оделе на пазар во Кратово за продажба на прасиња, во Трговиште за да купат компири и стока, а во Куманово за разните установи и купување на индустриска стока.

Селска слава во селото е Духовден, а гробиштата се наоѓаат во маалото Златановци на соседното село Дејловце. Во минатото, учениците оделе во училиштето во Дејловце.

Во Втората светска војна, познатиот народен херој Христијан Тодоровски-Карпош со својата група дошол во селото, бидејќи тука живееле неговиот чичко Јосим Митровски. Неговите синови го криеле Карпош неколку месеци во воденица, која постои и денес. Во војната, бугарските окупатори запалиле куќи во селото и убиле неколку селани.

Стопанство

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,8 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 121 хектар, на пасиштата отпаѓаат 93 хектари, а на шумите 62 хектари.

Селото, во основа, има полјоделска функција.

Осиче се наоѓа на доста висок терен поради што не успевало производството на пченка и пченица и затоа мештаните одгледувале ’рж, овес и јачмен. Поради тоа, мештаните главно биле сточари одгледувајќи овци, говеда и коњи. Во минатото, тие продавале стока и сточни производи, меѓутоа по Втората светска војна започнале да се вработуваат како градежни работници надвор од селото.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Осиче живееле 128 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Осиче имало 96 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.

Селото е мало и било во фаза на раселување уште од 1990-тите години. Така, во 1961 година селото броело 91 жител, од кои 89 биле Македонци, а двајца жители Срби, додека во 1994 година бројот се намалил само на 17 жители, од кои 14 биле Македонци, а тројца жители Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Осиче имало 5 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Родови

Осиче е македонско село. Сите родови се доселени на почетокот на век.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото се: Миленковци (5 к.), нивното потекло е од селото Опила, Кривопаланечко. Го знаат следното родословие: Тасе (жив, 60 години во 1971 г.)-Цветан-Величко-Миленко, кој се доселил во селото. Миленко во Опила убил Турчин и се доселил во Осиче, најпрвин во месноста Буковац; Стојковци (1 к.), отсекогаш имале едно домаќинство, доселени се однекаде; Јаудици (1 к.), и тие се доселени однекаде; Веселиновци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Црвен Град, Горна Пчиња; Арсеновци (1 к.), доселени се однекаде; Дитковци (1 к.), родот го основал домазет кој дошол од кривопаланечкото село Гулинци.

Иселеништво

Иселеници има во кумановските села Лопате (Осичани, 1 к.) и Тромеѓа (2 к.), како и во градот Куманово (3 к.).

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Осиче било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Арбанашко, во која покрај селото Осиче се наоѓале и селата Арбанашко, Буковљане, Дејловце, Длабочица, Рамно и Цветишница. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Дејловце, во која влегувале селата Дејловце и Осиче.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1164 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на планинарскиот дом во селото Дејловце.

Редовни настани

Слави Духовден — главна селска слава

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане Категорија:Раселени села во Македонија