Рамно — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Потекло и значење на името

Името на селото прв пат е споменато како Рамно во турски документи од век (1570 г.). Доаѓа од поименичената придавка „рамно“ со значење на село, поле или слично.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во североисточниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија. Атарот на селото на краток дел се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 860 до 960 метри, а од градот Куманово е оддалечено 38 километри.

До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 кај селото Арбанашко.

Куќите на ова мало село се наоѓаат во изворишниот дел на реката Бистрица, лева притока на Пчиња. Маалата се сместени на големо пространство на јужните падини на планината Козјак. На атарот на селото се наоѓа најнискиот превој на Козјак наречен Свиларце на височина од 1.160 метри. Поради тоа, тука водел значаен пат помеѓу Кумановско и Горна Пчиња. Околни села се Арбанашко, Малотино и други. Водата за пиење доаѓала од извори и бунари.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Паралово, Рид, Стара Трла, Китка, Селиште, Забел, Река, Голема Чука, Криви Рид, ’Ртина, Бара и Чука.

Селото има многу разбиен тип. Во издвоените маала живеат семејства на само еден род. Маалата се: Ваганарско, Ковелско, Кушпарско, Курјашко, Зезачко, Забел, Мартинци, Свиларци и Иванковци. Последното маало географски припаѓа на соседната област Горна Пчиња, бидејќи се наоѓа на северната падина на планината Козјак. Маалата се самостојни и во минатото имале задруги.

Историја

Месноста Селиште има средишна положба на селскиот атар и таму се наоѓа разрушената црква „Св. Никола“, која била подигната по Првата светска војна. Околу нејзе се наоѓаат селските гробишта, а недалеку и селското училиште. Во нивите на Селиште, селаните пронаоѓале разни старини: римски бакарни пари, цигли, црепови, гробови и други предмети.

Сите денешни мештани потекнуваат од доселени предци. Нив ги населил на оваа земја некој бег од Кратово. Тие дошле на местото на иселените староседелци. Поради тоа, селото сепак било стара населба и според народното предание старата населба, која била на денешното село, еднаш била целосно срамнета со земја. Така се објаснува и името на денешното село.

Поради положбата на патот Куманово-Горна Пчиња, по ослободувањето на Турците, во Рамно била отворена општина за околните кумановски и пчињски села. По Првата светска војна, општината била преместена во Арбанашко.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 17,1 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 712 хектари, на шумите отпаѓаат 418 хектари, а на обработливите површини 367 хектари.

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.

Селото се наоѓа на доста висок терен, поради што на неговиот атар не успеваат пченката и пченицата, туку ’ржот, јачменот и овесот. Поради тоа, мештаните биле добри сточари, особено одгледувајќи овци. Домаќинствата чувале и по некој вол и коњ.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рамно живееле 475 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Рамно имало 384 Македонци, од кои 320 биле под врховенството на Бугарската егзархија и 64 патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.

Рамно преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото имало 357 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 40 жители, од кои 35 биле Македонци и пет жители Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Рамно имало 21 жител, од кои 20 Македонци и 1 Србин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, од кои 4 Македонци и 2 лица без податоци.

Родови

Рамно е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Доселеници: Кушпарци (3 к.), доселени се од селото Војник; Забелци (5 к.), доселени се од селото Трница во Горна Пчиња (денес во Србија). Го знаат следното родословие: Јован (жив, 73 години во 1971 г.)-Стојан-Ристе-Спаја, кој се доселил; Курјашци (4 к.), доселени се од некое блиско кумановско село; Ваганаровци (2 к.), Гезаци (2 к.), Ковелци (1 к.), Свиларци (5 к.) и Мартинци/Мартиновци (4 к.), доселени се, но не знаат од каде. Последните два рода имаат многу издвоени маала во североисточниот дел на атарот на селото.

Иселеништво

Постари иселеници има во околината на Врање во Србија. Во селото Брњаре (Раманци, 4 к.), потоа во Горна Пчиња (во Србија и Македонија) во селата Долно Стајевце (Ваљавичарци, 22 к. и Барчани, 21 к.), Горно Стајевце (Пржинци, 11 к.), Бабина Пољана (Стојановци, 9 к.) и во Буковљане (Миленковци, 3 к.).

Други постари и понови иселеници по кумановските села се во Мутилово (Крстевски, 4 к.), Алгуња (Арсиќи, 1 к.), Долно Коњаре (Митровиќи, 4 к.; Стојанови, 2 к.; Накиќи, 1 к.; Душан, 1 к. и Саво, 1 к.), Љубодраг (Козјачани), Карловце (Раманчани, 4 к.), Врачевце (Куштарци, 1 к.) и во Карабичане (Подкулајци, 5 к. и Дубовци, 2 к.).

Потоа иселеници има во селото Пепелиште во Тиквеш. Потоа селото Глогоњ кај Панчево, во Куманово и други места.

Иселувањето продолжило особено по 1970-тите години и селото е во фаза на целосно раселување.

Општествени установи

Поранешно основно училиште, кое било изградено помеѓу двете светски војни

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Рамно било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Арбанашко, во која покрај селото Рамно се наоѓале и селата Арбанашко, Буковљане, Дејловце, Длабочица, Осиче и Цветишница. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Арбанашко, во која влегувале селата Арбанашко, Буковљане, Длабочица, Рамно и Цветишница.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1162 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Поглед на руинираната црква „Св. Никола“ во селото

Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска црква.

Редовни настани

Слави Спасовден — главна селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Рамно Симка Јованова Димитриевска — учесник во НОВ на Македонија; Правда Наскова Димитриевска — учесник во НОВ на Македонија; Ратка Златковска — учесник во НОВ на Македонија; и Дарка Стојанова Карамфилова — учесник во НОВ на Македонија.

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане