Пелинце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на маалото Костинци од спротивното маало Златинци на селото Пелинце

Селото се наоѓа во ридско-планинската област Козјачија, во северниот дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, во горното сливно подрачје на реката Пчиња, а чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е раштркано и има ридски карактер, чии маала се издигаат на надморска височина од 370 до 550 метри. Од градот Куманово селото е оддалечено 33 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 1207, кој води до меѓународниот граничен премин „Пелинце“ на македонско-српската граница.

Пелинце е релативно големо село, кое се наоѓа во долината на реката Пчиња, како и на околните ридови. Пелинце претставува најсеверно село во Кумановско, на стариот пат за соседната Врањска Котлина. Околни села се: Враготурце, Карловце и Алгуња. Водата за пиење доаѓала од бунари, бројни поточиња и послаби извори.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бистрица, Јаничарски Дол, Карловске Ливаде, Николиница, Мали Уши, Мачиште, Варница, Длибоки Рид, Базов Дол, Мираш, Топоница, Црквени Рид, Јама, Пладиште, Пут за Балван, Алгушица, Орваница, Језериште, Старо Село или Споменик, Бара, Прешево, Манастирски Ниви, Горна Река, Градиште, Суљин Камен, Баров Дол, Царина, Крајминово Гумно, Врчви, Средњи Друм, Влајков Дол, Мала, Средна и Голема Габраница, Преслап, Китка, Солиште, Голема Чука, Борова Чука, Вртешки Рид, Уми Рид, Стари Лозја и Селиште.

Пелинце е село од многу разбиен тип. Маалата на селото се распослани лево и десно од реката Пчиња. Лева од реката се: Балчинци (7 к.), Кимчинци (4 к.), Крагујци (3 к.), Китинци (5 к.), Пинџурци (4 к.), Калаверци (4 к.), Јужарци (4 к.), Киринци (2 к.), Блаќанци (4 к.), Џидинци (2 к.) и Црни Влајковци (4 к.). Десно од реката се: Орманци (4 к.), Колчаци (7 к.), Габранци (4 к), Бели Влајковци (7 к.) Миљинци (3 к.), Пашинци (1 к.), Костинци (4 к.), Златинци (4 к.) и Мишинци (11 к.).

Историја

мини|300п|десно|Споменикот од НОБ во Пелинце

Пелинце спаѓа во старите села во Кумановската област. Во него живеат родови кои не се доселени, а на неговиот атар се пронајдени разни урнатини од старо време. Едно од нив е Градиште, сместено на возвишение крај устието на Бистрица во Пчиња. На врвот на возвишението има простор од 2-3 хектари, кој е заграден со кружен земјен насип. Некој селски учител во 1927 година вршел ископувања и пронашол разни ситни предмети.

На атарот на селото на повеќе места биле наоѓани стари гробови и големи земјени ќупови.

Месноста Старо Село се наоѓа покрај Пчиња, каде се наоѓаат училиштето, некогашната продавница, црквата и гробиштата. Од 1960 година, таму има и споменик, поради што понекогаш Старо Село се нарекува и Споменик. Месноста Селиште се наоѓа на високо земјиште лево од реката Пчиња, додека кај Китинско Маало има уште едно Старо Село. Самите селани кажуваат дека некогаш тие живееле на едно Старо Село, па на друго, па на Селиште и на крај биле создадени денешните маала.

Во оваа населба, која во литературата е позната и како Пеленија, постоела црква „Св. Никола“, којашто била изградена во век, а во век веќе била во урнатини.

До втората половина на век, преку Пелинце водел стариот патен правец Солун-Штип-Врање-Белград, поради што во селото постоеле анови, како што биле Манастирски, Суљин и други.

До 1912 година, селото било подложно на напади од страна на Арбанаси од околните села. Најчесто им краделе стока, волови и коњи, но им земале и млади жени и девојки. Поради ова, некои жители пред крајот на турската власт заминале во Србија.

Селската црква „Св. Ѓорѓи“ била изградена во 1925 година, а осветена во 1936 година. Претходно таму се наоѓал голем камен крст. Во селото се празнува Ѓурѓовден и една недела по овој празник, кога била осветена црквата.

За време на Втората светска војна, на 13 јануари 1944 година, во селото се случила битка помеѓу македонските партизани и бугарската окупаторска војска и полиција.

Покрај, споменикот во Старо Село, во него има спомен-плоча на училиштето, како и споменик и новоизградениот Меморијален центар на АСНОМ, кој е споменичен комплекс посветен на Првото заседание на АСНОМ изграден во 2004 година.

Стопанство

мини|300п|десно|Сточарска фарма во маалото Колчаци

Атарот на селото е голем и зафаќа површина од 26,3 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 626 хектари, на пасиштата отпаѓаат 312 хектари, а на шумите 523 хектари.

Селото има мешовита земјоделска функција. Во него работеле услужни објекти.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Пелинце имало 470 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пелинце имало 452 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.

Поради иселување на населението, селото преминало од средно по големина во мало. Тоа, во 1961 година броело 671 жител, од кои 628 биле Македонци, а 43 жители Срби. Во 1994 година, бројот се намалил на 221 жител, од кои 177 Македонци, а 36 Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Пелинце имало 191 жител, од кои 184 Македонци и 7 Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 143 жители, од кои 127 Македонци, 1 Албанец, 3 Срби и 12 лица без податоци.

Родови

Пелинце е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото се: Денешни родови: Мишинци (11 к.), Златанци (4 к.), Габранци (4 к.), Костинци (4 к.) и Пашинци (1 к.), слават Свети Никола, а нивните маала се десно од реката Пчиња; Китинци (5 к.), Пинџурци (4 к.) и Крагујци (3 к.), слават Свети Архангел Михаил, а нивните маала се лево од реката; Кимчинци (4 к.) и Јужарци (4 к.), слават Свети Никола, а нивните маала се лево од Пчиња; Бели Влајковци (7 к.) и Црни Влајковци (4 к.), слават Свети Никола. За сите родови не се знае дали се староседелци или се доселени од негде. Родови чии потекло се знае: Орманци (4 к.), слават Свети Архангел, доселени од кумановското село Бајловце, го знаат следното родословие: Тодос (жив, 79 години во 1971 г.)-Милош-Марко-Стамен-Ѓорге, основачот на родот кој се доселил; Колчаци (7 к.), слават Петковден, доселени од Старо Нагоричане, каде имаат истоимени роднини; Миљинци (3 к.), слават Свети Ѓорѓи (есенски), доселени од Коинце; Блаќанци (4 к.), слават Свети Архангел, доселени од испустеното село Блаце, близу Бајловце; Киринци (2 к.), слават Свети Архангел, доселени од Старо Нагоричане и Калаверци'' (4 к.), слават Свети Никола, доселени од соседното српско село Узово.

Иселеништво

По 1908 година, селото всушност се зголемувало во бројот на население, но помеѓу двете светски војни и по Втората светска војна, започнале иселувањата од него.

Најмногу иселеници од Пелинце се наоѓаат во Куманово (15 к.), Глогањ кај Панчево (15 к.), Скопје (10 к.), Кленак кај Шабац (7 к.), Пожаревац (3-4 к.) и други.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Подрачното основно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ - Драгоманце

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Пелинце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Пелинце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Жегљане, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Пелинце, во која влегувале селата Враготурце и Пелинце.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1176 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“

Археолошки наоѓалишта Борова Чука - средновековна некропола; Градиште — населба од бронзеното, железното и раноантичкото време; Ковачевец — населба од железното време; Нишинци — населба од неолитското време; Св. Арангел — средновековен сакрален објект; и Св. Никола — средновековен сакрален објект.

Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква, сместена во маалото Златинци Во селото се споменуваат и средновековните цркви „Св. Никола“ и Св. Архангел Михаил“, од кои денес нема остатоци.

Музеи Меморијален центар на АСНОМ — културно-историски и спортско-рекреативен центар посветен на Првото заседание на АСНОМ

Споменици Споменик од НОБ во Старо Село; Споменик пред влезот во Меморијалниот центар; и Спомен-плоча на училиштето.

Реки Пчиња

Редовни настани

Слави Ѓурѓовден — главна селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Пелинце Алтна Коцева — учесник во НОВ на Македонија, носител на Орден заслуга за народ III ред; Даница Георгиева — учесник во НОВ на Македонија; Павка Георгиевска — учесник во НОВ на Македонија; Руса Денковска — учесник во НОВ на Македонија; Стана Георгиева Зафировска — учесник во НОВ на Македонија; и Олга Илиевска — учесник во НОВ на Македонија.

Галерија

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Истражувања на праисториската населба во Пелинце

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане Категорија:Македонско-српски гранични премини