Младо Нагоричане (изворно: Младо Нагоричино) — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Едно од многуте раштркани маала на Младо Нагоричане
Населбата се наоѓа во областа Козјачија, во крајниот јужен дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, од десната страна на реката Пчиња. Дел од селото се наоѓа непосредно до регионалниот пат Куманово-Крива Паланка. Селото е рамничарско, но куќите се издигнуваат на надморска височина од 330 до 440 метри. Од градот Куманово селото е оддалечено 11 километри.
Селото е најголемо во Кумановско и се состои од повеќе растурени маала, оддалечени од 500 до 2.000 метри. Околни села се: Старо Нагоричане, Тромеѓа, Војник и Стрезовце.
Селото има мошне голем атар, што зафаќа површина од 48,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 3.831 хектар, на пасиштата отпаѓаат 596 хектари, а на шумите само 77 хектари.
Младо Нагоричане има многу разбиен тип. Некои маала носат родовски имиња, како Брадиновци, Бузинци, Вујевци, Веселиновци, Ѓоринци, Смилчинци, Спасинци, Трандафиловци, додека други маала го дале своето име на некои родови.
Селото има вкупно 37 маала, во кои главно живеат Македонци, освен десетина куќи населени со православни Цигани.Авторот Јован Трифуноски во своето дело ги нарекува „православни Цигани“.
Историја
мини|десно|300п|Воени гробишта од Првата светска војна, т.н. „јуначки гробишта“.
Од каде потекнува и како е настанало селото Младо – Ново Нагоричино, како што изворно се нарекувало во минатото, нема конкретни податоци. Едната легенда вели дека пред повеќе векови, во селото Нагоричино живееле двајца браќа. Куќите им се наоѓале во Нагоричино, а трлата во денешно Младо Нагоричане. Кога дошло време за делба постариот брат Пешо решил да остане во стариот дом, а помладиот се населил кај трлата, во денешната младонагоричанска маала Пиленац. По извесно време, од семејството на помалиот брат се одделиле повеќе фамилии и наскоро настанала мала населба. Но, бидејќи новата населба била прилично оддалечена од Нагоричино, каде останал постариот брат, а и порано било заселено, тоа било наречено Старо Нагоричино, а новата населба Младо Нагоричино. Така, подоцна од тие две населби кои нараснале, се оформиле две посебни села, Старо и Младо Нагоричино. Таткото на двајцата браќа се викал Нагорич.
Втората претпоставка е дека името е дојдено од гора – шума (корија), бидејќи сегашните утрини до пред 150- 200 години, нашироко биле покриени со густа шума (гора) од црн бор и даб. Па според тоа Старо Нагоричино било во атарот на стара, а Младо покрај млада гора. Но, во секој случај Младо Нагоричино е помлада населба и според фактот што во историската документација, некаде е забележано и како – Ново Нагоричино. Меѓутоа, Младо Нагоричино имало далеку побурна историја, пред сѐ поради својата стратегиска положба, бидејќи тука отсекогаш се вкрстувале разни коридори, патишта и интереси.
Според Јован Хаџи-Васиљевиќ, топонимот на Нагоричино настанал од Нагорич-аане, аане значи куќи, додека Јован Трифуноски, пак, вели дека топонимот настанал од „на-гор-ридчане“, бидејќи некогашната стара населба се наоѓала во долина покрај Пчиња, па ја сменила локацијата на повисоко место каде што сега се наоѓа.
Познатата населба Младо Нагоричане се наоѓа североисточно од Куманово на плато високо околу 480 метри. Платото се протега десно од реката Пчиња во правец север-југ. Населбата ја сочинуваат повеќе растурени краеви, кои едни од други се оддалечени од 300, 500 до 800 метри. Со тоа во споменатиот правец тоа е издолжено околу 8 километри.
Наведената положба е релативно добра за економската дејност на населението. Нагоричанското плато е погодно за земјоделско и сточарско производство. За земјоделското производство погодна е и алувијалната почва околу реката Пчиња со висина околу 300 метри, која се протега источно од населбата. Благата падина помеѓу платото и алувијалната рамнина добра е за одгледување на винова лоза. На тој начин населбата има положба која спојува разновидни економски зони.
Младо Нагоричино во почетокот на XX век имало 37 маали. Според испитувањата во времето на Ј.Х. Васиљевиќ, тие маала биле следниве: Травуљачко Маало, Пиленац (или Пиленско) Маало, Вујевско, Маријевско, Сајтино (Сајтинско), Еребичарско, Беломарско, Домузлиско, Веселиновско, Брадиновско, Ацино, Дрмоњарско, Џипуњско, Ќурчијинско, Карабичанско, Костоперско, Ќурчијевско, Спасинско, Путинско, Шединско, Владинско, Пашин-чивл’к-маало, Бардевско, Ракиџијинско, Пресиовско, Ќукинско, Пркинско, Чумлевско, Пенковско, Ѓорѓовско, Меанџијско, Черкезовско, Бузинско, Шединско (друга), Ѕвиѕ’чко, Трендафиловско и Колебенско Маало.
Народната традиција наведува дека некои родови се „стари“, другите „дојдени“. Како најстаро маало и род во Младо Нагоричино се наведуваат Чулевци. Тие се доселиле „на трло“ од соседното Старо Нагоричино. Тие побегнале од чума, па кога чумата поминала, тие останале тука. А за најмлад род во Младо Нагоричино се наведуваат Карабичанци. Се доселиле од кумановското село Карабичане. Таму се нарекувале Поганци.
Како што се гледа според приложената топонимија, имињата на маалата доаѓаат од името или прекарот на првиот доселеник, што значи дека едно маало го сочинува едно пошироко семејство. Но, има и случаи и на донесени имиња – како што се – Мариевци, се претпоставува дела се доселиле од Мариово, Прилепско. Најзападно маало било Травуљачко маало, додека најисточно било Трендафилловско маало и растојанието помеѓу овие две маала изнесувало околу 7-8 км. Во минатото, до околу 1870 година, денешното село Стрновац било во состав и ја сочинувало 38 маала на селото Младо Нагоричино.
Според податоците – некаде околу 1907 година, во селото имало околу 256 куќи, покриени со ќерамиди (главно ромски), а помал дел со современи индустриски ќерамиди.
Според Ц. Дртковски (2000), во Младо Нагоричане во 1998 година имало 46 маала. Со најмногу куќи во 1998 години, по педесетина биле маалата Брадиновци и Пиленци, а со најмалку, по 2 до 3 куќи биле Ќукинци и Дошљаци. Таа година во селото постоеле околу 700 куќи, од кои 200 биле напуштени – запустени.
До средината на XIX век населението било – Мезлеско (луѓе без имот – без земја), но подоцна почнале да купуваат земја и да стануваат сопственици. Во тоа време постоеле повеќе чифлици (4), а најголем бил на Авзи Паша – Скопјанецот. Но, подоцна и тој е останат само на 4000 дена орање. Чифлиците биле обработувани од чифчии (под закуп), момци, го давале под ќесим (под наем) и слично.
Во почетокот на XIX век, во селото постоеле повеќе анови за сместување на патници, и селото било важна крстосница меѓу исток и запад, но и југ – север, зашто тука поминувал главниот пат камилешки – каравански коридор Солун – Белград. Единствено ановите и нивните дворови биле заградени.
Младо Нагоричане има и значајна сообраќајна функција. Во непосредна близина, од источна страна во самата долина на Пчиња, се вкрстуваат два значајни стари патишта: лонгитудинален со правец Солун-Штип-Врање-Белград, и трансферзален со правец Скопје – Крива Паланка - Софија. Патиштата за кои станува збор се важна комуникација на Балканскиот полуостров и северниот дел на нашата држава. До втората половина на XIX век тука била најзначајна раскрсница во Кумановската област, во минатото нарекувана Жеглигово.
Најстари откриени остатоци од предисториско и раноантички период откриени се во месноста „Жеглигово, Костоперска карпа“, која се издига до југозападната периферија на Младо Нагоричино и доминира над околината повеќе километри до Пчиња на исток. Во прашање е јужната од две базалтни громади што осамено се издигаат над околината. Озгора е зарамнета, опкружена со вертикални страни, високи 12-20 м. Покрај неа води магистралниот пат Скопје – Ќустендил, античкиот пат Скупи-Пауталија, а на 1 км источно оттука со него се сече стариот пат од Ниш и Врање на север кон Овче Поле и Штип на југ. На Костоперска карпа се откриени: урнати две цистерни за вода, со добра хидростатична изолација (несомнено VI век), многу ситни наоди од метал и керамика, преку стотина монети од III до VI век. Во југозападното подножје е откриено едно подземно светилиште (хипогеум) свечено во карпа, а низ падината се простирала неукрепена населба од ова време. Откопувани се и гробови во северното подножје. Истата стратешка улога карпата ја имала и низ средниот век. Тоа е потврдено со наодите на византиската сликана керамика од XII XIV век, словенската огнишна грнчарија, врвовите со стрели со средновековна форма и др. Врз ранохристијанската базилика во X – XI век била изградена нова црква, опфаќајќи го само средниот кораб, додека јужно и западно од неа се откриени гробови, датирани со накит од тоа време (X – XIII век). На падината под источната страна на карпата стои црквата на „Св.Петка“, квалитетна градба од XIII – XIV век, денес наполу урната.
Денеска во атарот на селото Младо Нагоричино постојат три цркви и тоа: Св. Петка – 1628 година, Свети Ѓорѓи Победоносец XI-XIV-XV век, а и од 1982 година, црквата – Св. Богородица Пречиста. Последната е изградена со самопридонес на жителите што гравитираат кон неа, на локација, каде порано имало црква (се претпоставува дека датира од X век. Треба да се напомене дека е изградена на темели на ранохристијанска црква.
На почетокот на XX век, за време на истражувањата на Јован Хаџи-Васиљевиќ постоеле уште четири други цркви кои биле во урнатини, а тоа биле: Свети Никола под Вуевска Карпа, Свети Димитрија под Аџински Гробишта, Свети Кузман и Дамјан (Св. Врачи) западно од Костоперска Карпа и Свети Спас кај Мариевски Мост.
Јеротије Рачанин, кој бил калуѓер во манастирот Раковица во Белград, во 1704 година пошол на аџилак и на пат за Ерусалим. Поминувајќи низ денешна Македонија, тој поминал и низ Младо Нагоричино и тука престојувал за време на празникот „Света Петка Трновска“, кај денешната црква „Св. Петка“ која и денеска постои.
Јован Хаџи-Васиљевиќ кога вршел теренски истражувања во Младо Нагоричино, распрашувајќи се меѓу мештаните во врска со овие цркви, добил вакви одговори: црквата во Старо Нагоричино била манастир, а овие црквички во оваа село (Младо Нагоричино) и сите во околните села биле манастирски скитови.
Во 1519 година селото Ново Нагоричино имало 177 домаќинства или околу 885 жители. Околу 1573 година или по педесет и неколку години, бројот на домаќинствата во селото Ново Нагоричино бројот на регистрираните домаќинства изнесува 278 или 1390 жители, ако се земе претпоставка дека едно семејство броело пет члена, што во споредба со 1519 година значи зголемување за 101 домаќинство и 505 жители. Паѓа в очи дека во Ново Нагоричино нема регистрирано ни еден муслиман.
Патријархот Арсениј III Црноевиќ во 1683 година, патувајќи на аџилак од Пеќ, преноќил во близина на Скопје во некое село, поминал низ Скопје не задржувајќи се, и престојувал во Младо Нагоричино, источно од Куманово.
Низ Младо Нагоричино, пристигнувајќи во Куманово од Ќустендил, Леон Хугонет (1842-1910), кој бил француски публицист, новинар и дипломат, и не знаејќи го името на манастирот во Нагоричино кој припаѓал на старо Жеглигово, а кој бил во урнатини вака го опишува: „Околу два часа пред Куманово (во зима), десно од патот, видовме стара црква од делкан камен, која со своите тешки врати наликуваше на зандана. Околу неа имаше гробови. Малку подалеку и малку погоре се гледаа урнатините на манастирот. Досадна темно-виолетова позадина од карпи ги опкружуваше овие урнатини, така што тие наликуваа на некаква декорација во операта“.
Стопанство
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.
Во територијата на Младо Нагоричане се наоѓаат две технолошко–индустриски зони: Смиљчинци и Петрова Падина. Во селото работат фабриките за железни конструкции Стил Кон и ФАМ Инженеринг, бензинската пумпа Детоил, млинот МОША-МЕЛ, Фртуна,познатиот ресторан Етно Село, продавниците СТИ-Гоце и Ѓорго Комерц познатиот ресторан Етно Село.
Население