Заграчани — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Возвишението Спас кај селото
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку од градот Струга во северозападна насока, сместено во Струшкото Поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 760 метри. Од самиот град Струга е оддалечено само 4 километри, поради што припаѓа на неговата рурбална зона.
До селото поминува регионалниот пат 2240, со кој е поврзан со локален асфалтен пат.
Куќите на селото се подигнати во подножјето на планината Јабланица. Околни села се Шум на југоисток, Вишни на запад, Долна Белица на север и Враништа на североисток. Во минатото, водата за пиење ја добивале од селската река, но денес постои водовод од карстниот извор во селото Шум.
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Спас, Бабуш, Ламбушки, Дудулица, Климојца, Матејца и други.
Селото има збиен тип, при што роднинските куќи се поблиску една до друга и се групирани.
Историја
Селото има мноштво старини. На север се издигнува возвишението Спас, високо 874 метри, каде некогаш имало тврдина (налик град). Бидејќи селото лежи во долина јужно од тврдината, го добило името по тврдината односно Зад-грачани. Така, може да се заклучи дека селото е средновековно.
На возвишението се наоѓал и храм „Св. Спас“, кој подоцна бил срушен, но останало името на возвишението. На него и денес има слаби остатоци од ѕидови. Таму порано имало археолошки испитувања.
Кај куќата на мештанинот Бануш Бафтијар пронајдени се остатоци на мозаик. Во селото биле вршени и илегални ископувања.
Денешното село потекнува од четири муслимански домаќинства — торбешки и албански. Од нив се родовите Ќосе, Бајро, Тушо и Прент. Сите се доселиле во првата половина на век. Претходно во селото живееле православни Словени.
Гиго Милески дознал дека иселеници од ова село има во Вишни и во Струга и дека македонските родови во Струга — Чакаровци, Коџомановци и Матовци потекнуваат од предци кои живееле во Заграчани.
Населението потекнува од Торбеши (исламизирани Македонци) и од вистински Албанци. Меѓутоа, во поново време, особено од 1941 година, Торбешите се албанизирале и тие повеќе не говорат македонски по куќите.
Околу 1912 година, селото имало 32 куќи сместени во тесна долина во насока запад-исток. Меѓутоа, подоцна селото почнало да се шири кон низината во насока север-југ. Тоа ширење е кон селата Шум и Долна Белица.
Селата Заграчани и Шум се доста блиски. До 1964 година биле едно село, а и денес имаат заеднички атар раширен главно во рамнината. Атарот се проширил кога мештаните купиле многу земја од струшките граѓани.
Стопанство
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 4,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 320,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 123,7 хектари, додека шуми речиси и да нема.
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работат продавници.
До 1912 година, земјата во рамништето помеѓу Заграчани и Струга припаѓала на струшките аги. По Првата светска војна, земјата ја купиле христијани од Струга. Меѓутоа, по Втората светска војна преминала во посед на денешните муслимански Албанци од Заграчани и Шум.
Во минатото, селаните се занимавале многу со земјоделство, одгледувајќи пченка, пченица и зеленчук. Одгледувале и малку стока. Мештаните отсекогаш оделе на печалба, па така и денес голем дел од нив се на привремена работа во странство.
Население
Според податоците од 1873 година, селото имало 29 домаќинства и 78 жители муслимани.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Заграчани имало 225 жители, сите Албанци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Заграчани е претставено како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 55 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Албанци.
Во 1961 година селото броело 788 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.008 жители, албанско население.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Заграчани, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.
Според пописот од 2002 година, во селото Заграчани живееле 1.075 жители, од кои 1 Македонец, 1.071 Албанец и 3 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 736 жители, од кои 719 Албанци и 17 лица без податоци.
Родови
Заграчани е албанско село, во кое жителите главно зборуваат на албански јазик.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1979 година, родови во селото: Ќосе или Асани (30 к.), Бајро (20 к.), Тушо (8 к.) и Прендовци или Прент (8 к.), ова се стари доселенички родови. За родот Прент се зборува дека се доселени од областа Черменик (село Прент) во јужна Албанија и дека таму биле православни Македонци. Од Прент се иселиле како три куќи тројца браќа. Едниот се иселил во Заграчани, вториот во Мислешево (таму се христијани Македонци), а третиот отишол во Гостиварско. Родовите во Мислешево и Загрчани порано се пазеле како роднини; Дида (10 к.), Октишани (15 к.) и Леши (2 к.), овде живеат од периодот помеѓу двете светски војни. Првите се доселени од селото Горна Белица, вторите од селото Октиси (тие се Торбеши), а третите се од селото Радолишта. Родот Дида знае дека уште подалечно потекло има од областа Матија во Албанија.
За Албанците од селото се говори дека припаѓаат на групата Тоски.
Иселеништво
Родовите Даути (15 к.), Рамадани (12 к.), Асани (5 к.) и Ајредини (4 к.), се иселиле во соседното село Шум.
По Втората светска војна имало поголемо иселување во градот Струга, но и во Босна и Северна Америка.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поглед на основното училиште
Основно училиште „Ашим Агуши“ — подрачно основно училиште до V одделение во состав на ОУ „Ашим Агуши“ - Радолишта
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Заграчани било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Заграчани, се наоѓале и селата Вишни, Калишта, Мали Влај, Радожда, Радолишта, Франгово и Шум. Во периодот 1950-1952 година, исто така, постоела Општина Радолишта, во која влегувале селата Заграчани, Радолишта и Шум.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 1872 и бр. 1872/1 според Државната изборна комисија, сместени во основното училиште.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Бабуш — населба од доцноантичкото време; Во Селото — населба од доцноантичкото време; и Загратчанска тврдина — сакрален објект од доцниот среден век.
Џамии Џамија — нова селска џамија; и Џамија — стара селска џамија.
Личности
Родени во или по потекло од Заграчани Спасе Вевчански — светец Спаса Вишенска — светица
Наводи
Забелешки
Поврзано Дримкол Општина Струга Струга
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга