Ентерококи (Enterococcus) е голем род на млечно-киселински бактерии кој припаѓа на коленото Firmicutes. Тие се Грам-позитивни коки кои често се јавуваат во парови (диплококи) или во облик на кратки ланци, па затоа морфолошки многу наликуваат на стрептококите. Два вида се чести коменсали во цревната микрофлора на луѓето: E. faecalis (90–95%) и E. faecium (5–10%).
Физиологија и класификација Ентерококите се факултативно анаеробни бактерии, односно, тие се способни за клеточна респирација во средина со или без кислород. Иако не се способни за формирање ендоспори, тие се толерантни на разни екстремни услови: широк температурен опсег (10-45 °C), широк опсег на pH вредности (4.5–10.0), и високо ниво на соленост.
Ентерококите обично покажуваат алфа-хемолиза на крвен агар.
Историја Членовите на родот Enterococcus (од грчки έντερο, éntero, "црево" и κοκκος, coccos, "зрнце") долго време беа класифицирани како група D стрептококи; сè до 1984 година, кога геномските ДНК анализи не укажаа на фактот дека станува збор за посебен род.
Еволуција Овој бактериски род се претпоставува дека еволуирал пред околу 425-500 милиони години.Lebreton F, Manson AL, Saavedra JT, Straub TJ, Earl AM, Gilmore MS (2017) Tracing the Enterococci from Paleozoic origins to the hospital. Cell 169(5):849-861.e13. doi: 10.1016/j.cell.2017.04.027
Патологија Клинички инфекции предизвикани од Enterococcus вклучуваат: инфекции на мочните патишта, бактериемија, бактериски ендокардит, дивертикулит, и менингит. Видовите кои се осетливи на антибиотици се третираат со: ампицилин, пеницилин и ванкомицин. Мочните инфекции можат да бидат третирани со нитрофурантоин, дури и во случаи на ванкомицин-резистенција.
Од медицинска гледна точка, важна одлика на овој род е високото ниво на интринзична антибиотска резистенција. Некои видови ентерококи се отпорни на β-лактамски антибиотици (пеницилини, цефалоспорини, карбапенеми), како и многу аминогликозиди. Во последните две децении, се развиле особено вирулентни соеви на Enterococcus, отпорни на ванкомицин (ванкомицин-отпорни ентерококи или VRE) посебно при нозокомијални инфекции на хоспитализирани пациенти. VRE може да се третираат со quinupristin/dalfopristin (Synercid) со стапка на излекување околу 70%.
Ентерококниот менингит е ретка компликација при неврохируршки интервенции, при што третманот е со интравенозна или интратекална апликација на ванкомицин, со сè уште дискутабилен исход на овој тип на терапија.
Новите епидемиолошки докази покажаа дека ентерококите се главен инфективен агенс кај хроничниот бактериски простатит. Ентерококите во простатата формираат биофилмови, поради што нивното искоренување е тешко.
Наводи
Категорија:Бактерии Категорија:Грампозитивни бактерии Категорија:Микробиологија Категорија:Зборови што ги нема во ТРМЈ Категорија:Бактериологија