Црешка (се сретнува и како Чрешка) — раселено село во Општина Штип, во околината на градот Штип.

Географија и местоположба Селото се наоѓало во крајниот западен дел од Општина Штип, на левата страна од реката Брегалница, на надморска височина од 420 метри. Од градот Штип, селото е оддалечено 19 километри.

До селото води земјен пат, кој започнува кај селото Едеклерци.

Црешка била сместена во долното сливно подрачје на Брегалница. За местоположбата на ова село бил од значење патот во правец СЗ–ЈИ, кој со клисурата на Светиниколска Река кај с. Аџибегово излегувал од Овчеполската Котлина. Кај Црешка минувал преку Брегалница, избивајќи на патот Штип–Градско.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мазарлак, Орта Тумба, Градалар, Чешма Алта, Полиса, Јусек Баир, Хисар, Чатал, Корија, Гурбеница, Чатал Меше, Зидишта, Калај Дере, Вакуф, Јусуф Тумба, Слатина, Кара Таш, Кара Баир, Ѓубре Таш, Чука, Пударница, Срт, Кавакли, Козарник, Симуџук, Јајце, Мал Град, Чали Бурун и Дузлук.

Селото се делело на три маала: Ашај (Долно), Орта (Средно) и Јокари (Горно) Маало.

Историја Подрачјето на Црешка е населено барем од железното време, за што сведочат остатоци на некрополи-тумули на наоѓалиштето Полиса. Југозападно од селото се остатоците на тврдината Исар, која археологот Томо Томоски ја поистоветува со средновековниот град Црешче.

Денешното село било основано во средниот век како сточарско-земјоделска населба. Од средновековните трагови има остатоци на црквишта и гробови. Црешка никогаш не била мала населба, за што сведочи особено пространиот атар.

За време на отоманското владеење, во Црешка се населиле Турци од Мала Азија. Поради тоа, староседелските Македонци се иселиле од селото. Само дел од населението примило ислам и останале во селото — таков бил родот Потуровци. Помеѓу старото и новото население постоел континуитет, што се забележува во имињата на дел од топонимите и самото име на селото.

Целото население наполно се раселило од 1954–1960 г. во Турција. Иселениците во најголем дел се настаниле во Истанбул. Последното домаќинство (Бејтула, 1 к.) од Црешка се иселило во соседното село Хаџи-Хамзали.

Стопанство Атарот на селото зафаќа простор од .

Најголем дел од атарот на Црешка бил под пасишта, а помалку се користел за ниви. Главно занимање било сточарството. Мештаните одгледувале голем број овци, кози, коњи и говеда. Од земјоделските култури вирееле: јачмен, пченица, ’рж и бостан. Добро било развиено и пчеларството. Еднаш во неделата, жителите оделе на пазарите во Штип и Велес.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година во селото живеле 225 жители, сите Турци.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 231.

На етничката карта од 1927 г. Леонард Шулце Јена го покажува Црешка (Creška) како турско село.Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Турци.

Во пописот од 1948 г. кон Црешка е вбројано и населението на с. Скандалци.За табелата. Точка 47 — Пописи на населението на Македонија, база МАКСтат Селото е целосно раселено по 1961 година, кога броело 47 жители, од кои 36 Албанци и девет Турци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Самоуправа и политика Во XIX век, Црешка било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Штип, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Штип.

Во периодот 1957-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Штип. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Лакавица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Драгоево, во која покрај селото Црешка се наоѓале селата Драгоево, Едеклерци, Јамуларци, Пенуш, Селце, Скандалци, Софилари, Топлик, Хаџи Реџепли, Хаџи Сејдели и Хаџи Хамзали. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Драгоево, во која влегувале селата Драгоево, Пенуш, Селце, Софилари, Топлик, Хаџи Реџепли, Хаџи Хамзали и Црешка.

Културни и природни знаменитости Археолошки наоѓалишта Града — средновековна некропола; Исар - Чрешче — доцноантички опидум и средновековно градиште со некропола; Полиса — некропола — тумули од железното време и средновековна црква со некропола; Турски Гробишта — тумул од железното време.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Штипски села Категорија:Села во Општина Штип Категорија:Раселени села во Македонија