Војник — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед во селото

Селото се наоѓа во јужниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, од десната страна на Крива Река. Селото се наоѓа непосредно до патот Куманово-Крива Паланка. Селото има рамничарски карактер на надморска височина од 320 метри, а од градот Куманово е оддалечено 16 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 29277, кој се двои од државниот пат А2.

Војник е мало село, кое се наоѓа покрај патот Куманово-Крива Паланка, а недалеку од устието на Петрошница во Пчиња. Околни села се Стрезовце (со кое е скоро целосно споено), Макреш и Младо Нагоричане. Во минатото, водата за пиење доаѓала од бунари.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бела Чука, Каракол, Гробје и Света Петка.

Селото е мало и не е поделено на маала.

Историја

Во селото има многу старини од разни културни епохи. Најмногу старини има на месноста Петриково, кое се наоѓа лево и десно од патот Куманово-Крива Паланка. Мештаните говорат дека некогаш имало истоимен град. Во нивите биле ископувани камени плочи со римски натписи, кои се предадени во кумановскиот музеј.

Во селските гробишта, кои се наоѓаат јужно од селото, во 1967 година биле откопани 44 стари гроба. Освен коски бил најден и бакарен накит. Старини се наоѓаат и на местото Света Петка, каде се наоѓа камен крст и биле пронајдени темели.

Сепак се знае многу малку за настанувањето и раното минато на Војник. Некои податоци говорат дека селото потекнува од средниот век. Еден селанец кажува дека нивното село е старо колку и Кратово.

Можеби селото го добиле името по средновековните војници, кои биле и војници и селани. Живееле на своите градини и се издржувале од сопствената работа, занимавајќи се со земјоделство и сточарство. За вршење на војната служба, војниците биле организирани во посебни одреди. Нашите средновековни војници биле подоцна вметнати во турската војска.

Селаните пренесуваат и дека од ова село е војводата Карпош, па може името на селото да доаѓа од него, односно од војвода или Војводник.

Во век, Војник било чифлигарско село, чиј сопственик бил Јашар-бег, кој имал свои чифлици и во други кумановски села (Бајловце, Стрезовце, Клечевце). Бегот во Војник имал и голема воденица на Пчиња, свој ан и погон за лупење ориз. Неколку години пред падот на турската власт, Јашар-бег го предал чифлигот на својот ќаја Амет, кој бил Албанец.

На почетокот на век, селото било посетено од Јован Цвииќ, кој го забележал чифлигот ограден со ѕидови од керпич и со висока беговска кула.

При ослободувањето од Турците во 1912 година, во Војник имало само 9 македонски домаќинства наречени Голоменско, Ѓоревско, Ѓокинско, Цоровско и други. Овие четири домаќинства биле задружни и имале од 15 до 35 членови секое. Чифлигот во тоа време се распаднал и мештаните ја добиле земјата со аграрната реформа во 1924 година.

Поради својата местоположба, Војник често страдало од разни војски, ограбувачи и болести. Кон крајот на 1944 година, на просторот помеѓу Војник и Нагоричане се случила една од најголемите битки при ослободувањето на Кумановско во Втората светска војна.

Стопанство

мини|300п|десно|Земјоделска механизација во селото

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 5,2 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 139 хектари, на пасиштата отпаѓаат 14,7 хектари, а на шумите само 1,1 хектар.

Селото, во основа, нема развиена земјоделска функција.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Војник живееле 136 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Војник имало 98 жители, од кои 40 жители под врховенството на Бугарската егзархија, 40 жители патријаршисти и 18 Власи.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.

Селото е мало и во 1961 година броело 165 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 87 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, селото броело 61 жител, од кои 57 Македонци, 3 Срби и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 68 жители, од кои 62 Македонци и 6 лица без податоци.

Родови

Војник е македонско село, со присуство на ромски родови.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Стари родови: Ѓокинци (5 к.), Цоровци (3 к.) и Голомевци (2 к.). Доселени родови: Петраљичанци (5 к.), доселени се пред крајот на турското владеење од селото Петралица, Кривопаланечко; Чунгурци (4 к.), доселени се кога и претходниот род од селото Цвиланце; Цветановци (2 к.), доселени се кога и другите два рода од селото Макреш; Алексовци (2 к.), доселени се од селото Старо Нагоричане и Савевци (1 к.), доселени се од истото место како и претходниот род. Доселени каурски Роми: Јаќимовци (1 к.), доселени се од селото Макреш пред 1912 година; Коњушанци (2 к.), доселени се како просјаци во 1918 година од селото Коњух и Николовци (1 к.), доселени се во 1945 година од селото Конопница, Кривопаланечко.

Иселеништво

Во турско време во селото живеел родот Ѓокинци, кои во 1908 година имале куќна задруга од 20 членови. Тогаш чувале околу 500 овци и 12 овчарски кучиња. Но, поради недоразбирањата со сопственикот на чифлигот Ѓокинци морале да се иселат во селото Стрезовце. Но, потоа се вратиле во селото, но по некое време овој род изумрел.

Се знае и за други родови кои ги нема повеќе во селото како: Војничанци (7 к.) и Мазници (5 к.) иселени се во селото Клечевце. Војничанци (3 к.) иселени се во селото Студена Бара, додека Куштарци (3 к.) се иселиле во кумановското село Рамно.

Општествени установи

Месна заедница

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Војник било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои биле малку изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Клечевце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1962 било во некогашната општина Клечевце, а по распуштањето на Општина Клечевце во 1962 година било дел од Општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облавце, во која покрај селото Војник се наоѓале и селата Дренок, Канарево, Макреш, Облавце, Орах, Ругинце и Стрезовце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Младо Нагоричане, во која влегувале селата Војник, Младо Нагоричане и Тромеѓа.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1142 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Гробишта-Гробље — тумул од железното време и средновековна некропола; и Петриково — населба и некропола од римското време.

Редовни настани

Слави Спасовден — селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Војник Карпош — водач на Карпошовото востание и легендарен македонски ајдутски војвода.

Наводи

Поврзано Средорек Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане