Жегљане — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Стари напуштени куќи во главниот дел на селото Жегљане
Населбата се наоѓа во областа Козјачија, во северниот дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, од левата страна на реката Пчиња. Селото е раштркано и има ридски карактер, чии маала се издигаат на надморска височина од 540 до 680 метри. Од самиот град Куманово е оддалечено 30 километри.
До селото поминува регионалниот пат 2244, од кој се двојат земјени патишта до неговите маала.
Куќите на ова село се наоѓаат на допир на пониско земјите на југ (околу 600 метри) и повисоко земјиште на север и исток. Села со кои се граничи Жегљане се: Степанце, Малотино и Кокино. Водата за пиење ја добивале од бунари и некои послаби извори. Поважни се два извора: Селски Кладенец (на Селиште) и Бабин Вир.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Буклина Чука, Ќосински Рид, Лојцанец, Осоје, Козјак, Длаге Ниве, Жабарке, Врчва, Орлово Гнездо, Кључ, Пударница, Падине, Селиште, Св. Ѓорѓи и други.
Жегљане е село од разбиен тип. Во секое маало живеат жители од еден род, поради што маалата се наречени по имињата на родовите.
Историја
мини|300п|десно|Споменикот за основањето на Македонската дивизија
За времето кога е основано денешното село нема официјални историски извори. Меѓутоа, може да се заклучи дека се работи за старо село: има неколку родови за кои не се знае од каде потекнуваат; воедно, старата селска црква „Св. Ѓорѓи“ потекнува од 1867 година. Кај селската црква се наоѓаат и гробиштата.
Жегљане има средишна местоположба во однос на десетина околни села, поради што неговата црква за време на турската власт била посетувана од жителите на Степанце, Кокино, Малотино, Рамно, Арбанашко, Коинце, Карловце, Враготурце и Пузајка. Во Жегљане порано биле сместени и општинските власти, како и училиштето.
Поради средишната положба во Жегљане постојат повеќе општи собири, односно се одржуваат за време на Свети Јован, Младенци, Благовец, Цветници, Велигден и Преображение. Последните два се најмногубројни. По Втората светска војна, собир има и на 26 февруари, кога била основана Третата македонска партизанска бригада во Жегљане. Во селото, на 10 октомври 1944 година била создадена Кумановската (македонска) дивизија, во чиј состав влегле Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска бригада.
Месноста Селиште е место каде некогаш се наоѓала мала населба. Тоа било старото Жегљане со 9 куќи. Подоцна тоа село се разбило.
За време на турската власт, земјата во атарот била во посед на некои селани. Единствено месноста Козјак со шума припаѓала на некој Турчин. Подоцна, и оваа месност била купена и шумата била поделена на девет делови.
На патот за соседното Карловце има месност Манастир, за кој селаните кажуваат дека бил „римски“ манастир. Таму биле ископувани стари гробови и камен столб.
Стопанство
Атарот зафаќа површина од 10 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 464,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 327,3 хектари, а на шумите 185,3 хектари.
Селото има полјоделско-сточарска функција. Во него работеле продавници.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Жегљане имало 315 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Жегљане имало 386 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.
Во 1961 година селото броело 328 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 112 жители, од кои 102 Македонци и 10 Срби.
Според пописот од 2002 година, во селото Жегљане имало 86 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 48 жители, од кои 45 Македонци и 3 лица без податоци.
Родови
Жегљане е македонско село. Родовите се стари и доселени.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото се: Стари родови се: Рубејци (6 к.) и Станковци (2 к.), потекнуваат од ист предок и слават Свети Никола; Мартиновци (5 к.), Кљунчинци (3 к.) и Коларци (2 к.), потекнуваат од ист предок и слават Свети Архангел; Пуринци (5 к.), слават Свети Архангел, сместени кон селото Степанце; Поповци (2 к.), слават Свети Архангел, род од кој потекнувале селските свештеници; Биволарци (1 к.) и Ковијанци (1 к.), слават Свети Архангел. Доселени родови се: Рогожарци (8 к.), слават Петковден, дојдени од негде; Малисорци (4 к.), слават Свети Архангел, дојдени од Малесија во Албанија. Го знаат следниот родослов: Стојан (жив, 45 години во 1971 г.)-Андон-Таса-Јован, понатаму не памтат; Рамаданци (3 к.), слават Света Сава, доделени од негде; Козјачани (3 к.), слават Свети Архангел, чии куќи се на месноста Козјак, поради што и го добиле името.
Иселеништво
Жителите на Жегљане најмногу се иселувале во периодот помеѓу двете светски војни и во периодот по Втората светска војна. Најмногу иселеници има во Куманово (околу 30 к.) и по некои низински кумановски села како Козјачани во Љубодраг, Трајковци (5 к.) и Станојкови (3 к.) во Лопате и Благој (1 к.) во Долно Коњаре. Две семејства се преселиле во Шабац и Глогањ во Србија.
Општествени установи
Поранешно основно училиште Пошта (1302) Месна заедница Поранешна здравствена амбуланта
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Жегљане било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Куманово. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било исто така седиште на тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Жегљане се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Драгоманце, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Жегљане, во која влегувале селата Жегљане, Карловце, Кокино, Коинце и Степанце.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1170 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Карловце.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“ во селото
Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква, сместена во главниот дел на селото.
Споменици Споменик од НОБ за создавањето на партизанската бригада
Редовни настани
Слави Велигден — народен собир; Преображение — народен собир; и 26 февруари — чествување на датумот на основање на Третата македонска партизанска бригада во селото.
Личности
Родени во или по потекло од Жегљане Милица Антевска — учесник во НОВ на Македонија; Пена Антевска — учесник во НОВ на Македонија; и Дана Божиновска — учесник во НОВ на Македонија.
Галерија
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане