Драгоманце (или Драгоманци) — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Потекло на името
мини|300п|лево|Поглед на маалото Село
Се верува дека името на селото потекнува од основачот на селото, кој бил старешина на група на работници или „драгоман“.
Географија и местоположба
Населбата се наоѓа во областа Козјачија, речиси во самиот средиштен дел на територијата на Општина Старо Нагоричане, недалеку од левата страна на реката Пчиња. Селото е ридско, чии маала се издигаат на надморска височина од 360 до 560 метри. Од градот Куманово селото е оддалечено 25 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 2244.
Драгоманце се наоѓа на допирот на пониското земјиште околу реката Пчиња на запад и ридското земјиште на исток. Така, неговите жители имаат услови за земјоделство и сточарство. Водата за пиење се добивала од послабите извори Пештер, Селиште, Голем и Мал Кладенец, како и од бунари.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Топла Падина, Бара, Батина Глава, Мрамор, Криви Дол, Уши, Гарван Камен, Језеро, Гладница и други.
Куќите на селото се наоѓаат во две споредни долини во насока североисток-југозапад. Тоа се долините на Драгоманскиот Поток и долината на Степанска Река, двете леви притоки на Пчиња. Во првата долина се наоѓа поголемото маало Село, додека второто маало е Гладница. Во маалото Гладница се наоѓа осумгодишното основно училиште, заедно со интернат за учениците од другите села.
Историја
Подрачјето на селото е населено уште од римско време, за што сведочи наоѓалиштето Селиште на 500 метри северно од него.
Драгоманце во денешен облик не е многу стара населба, основано е на почетокот на век. Како негов основач се споменува некој човек со своите три сина, кои се доселиле од Поповац, од околината на Параќин, Србија.
Куќите на првите жители биле во денешното маало Гладница, во месноста Селиште. Меѓутоа, таму поминувал патот Куманово-Горна Пчиња, поради што трпеле постојани зулуми од минувачите. Поради тоа, селаните почнале да се преместуваат во соседната, но позатскриена долина, кај денешното маало Село. Околу 1900 година, некои од жителите повторно се вратиле во маалото Гладница.
Драгоманце во минатото имало четири анови, бидејќи таму се спојувале два патни правци, едниот Куманово-Горна Пчиња, а другиот Врање-Нагоричане-Овче Поле.
Во селото постои црквата „Св. Јован“, којашто е мошне стара, но во урнатини и не се знае од кој период потекнува. Таа припаѓала на старите мештани кои живееле тука пред денешното село. Пред крајот на турската власт, селаните одлучиле кај црквиштето да го слават Митровден. Селските гробишта се наоѓаат кај црквиштето.
Стопанство
Атарот е мал и зафаќа површина од 4,5 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 261 хектар, на пасиштата отпаѓаат 193 хектари, а на шумите само 7,6 хектари.
Селото во основа има полјоделска функција. Во селото има продавница и ветеринарна станица.
До 1963 година, жителите на Драгоманце најмногу живееле од одгледувањето жито и чувањето овци. Откако бил изграден каналот за наводнување, поголемиот дел од жителите се префрлиле на одгледување зеленчук. Најмногу се произведувало пиперки, зелка и кромид.
Во минатото во селото постоел производствен погон на фабриката „ЧИК“ од Куманово, кој денес е пренаменет во погон на фабриката „Бонум“. Погонот има капацитет за преработка на 6.000 тони зеленчук, а располага со 5.000 метри квадратни платоа и 5 хектари земјиште.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Драгоманце имало 295 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Драгоманце имало 240 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.
Драгоманце е мала населба, којашто во 1961 година броела 238 жители, а во 1994 година 148 жители, од кои 115 Македонци и 31 Србин.
Според пописот од 2002 година, во селото Драгоманце имало 133 жители, од кои 124 Македонци и 9 Срби.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 124 жители, од кои 101 Македонец, 9 Срби и 14 лица без податоци.
Родови
Драгоманце е македонско село, но имало и ромски родови. Сите родови се доселени.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1970 година, родови во селото се: Македонски родови: Попиќевци (15 к.), Брзаци (5 к.), Бегови (4 к.) и Мацанци (4 к.). Како се тврди сите потекнуваат од истиот предок доселен од Поповац. Сите слават Свети Никола. Еден постар селанец го памти следниот родослов: Стојан (80 години во 1970 г.)-Спиридон-Ристо-Ѓорѓе, се доселил неговиот татко. Ромски родови: Ѓорговци (6 к.), првин живееле во соседното село Врачевце, а подоцна се преселиле во маалото Гладница. Слават Свети Никола. Веќе не говорат ромски.
Иселеништво
Од Драгоманце има и постари и понови иселеници. Постарите се сретнуваат во кумановските села: Стрновац (Биризовчани, 17 к.), Пузајка (Дршљанци, 7 к.; Киринци, 5 к. и Гривинци, 1 к.) и Врачевце (Стошинци, 2 к.).
Новите иселеници главно се иселувале во градовите Куманово и Скопје.
Општествени установи
ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ — деветгодишно основно училиште Ученички дом „Христијан Тодоровски - Карпош“
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Драгоманце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Жегљане, во која покрај селото Драгоманце се наоѓале и селата Враготурце, Врачевце, Жегљане, Карловце, Коинце, Кокино, Малотино, М’гленце, Пелинце, Пузајка и Степанце. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Драгоманце, во која влегувале селата Драгоманце, Добрача, Коинце, Пузајка и Стрновац.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1180 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Врачевце и Пузајка.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Гарвани Камен — некропола од средниот век; Гладница — некропола од доцноантичко време; и Селиште — населба од римско време.
Цркви Црква „Св. Јован“ — стара црква во урнатини, не се знае периодот на градба
Споменици Биста на народниот херој Христијан Тодоровски - Карпош кај училиштето
Реки Драгомански Дол (познат и како Блатнички) — мала река низ селото.
Редовни настани
Слави Митровден — општа селска слава; и Спасовден — постара селска слава.
Личности
Родени во или по потекло од Драгоманце Дана Јакимовска — учесник во НОВ на Македонија
Галерија
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово Драгоманци — истоимено село во Воденско, Егејска Македонија
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане