Добрача — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на селото

Селото се наоѓа во средишниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија. Селото е ридско и раштркано, чии куќи се издигаат на надморска височина од 440 до 520 метри, а од градот Куманово е оддалечено 26 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 по селото Драгоманце.

Куќите на ова мало село се наоѓаат во сува висорамнина на надморска височина од околу 500 метри. Околни села се Цвиланце, Канарево, Макреш, Стрновац, Драгоманце и Врачевце. Мештаните се служат со вода за пиење од бунари и од неколку слаби извори, кои летно време пресушуваат.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Перос, Гола Ридина, Средњи Рид, Булин Дел, Батина Глава и Блатац.

Селото има разбиен тип, поделено на три маала: Село, Трајановско и Велковско Маало.

Историја

По народните преданија, Добрача се смета за едно од постарите села во Кумановско. Тоа старо село имало многу поголем атар и било побројно. Така, земјата на соседното Стрновац тогаш била во атарот на Добрача.

Меѓутоа, за време на турската власт, во некоја војна настрадало населението и селото, додека преживеаните негде избегале. По бегството, само две домаќинства се вратиле кои го обновиле селото. Куќите на тие домаќинства се во денешното маало Село. Во 1820-тите, кога селото станало побројно, тоа се разбило.

Традицијата наведува дека атарот на селото по бегството на мештаните станал посед на некој кратовски бег. Неговите слуги тука чувале овци. Бегот го стекнал атарот на Добрача преку превара. Предците на денешните родови ја купиле земјата од синот на овој бег, односно од Емин-бег.

Селаните од Добрача го кажуваат и преданието дека еднаш за време на турската власт во Кумановско биле доведени бројни жени и девојки од Србија, кои Турците ги продавале низ селата. Ова кажување се однесува на времето кога било загушено Караѓорѓевото востание во 1813 година и кога муслиманските Албанци и Турци од Кумановско земале како робинки бројни српски жени и девојки.

Во маалото Село има црква „Св. Троица“, чија внатрешност не е довршена. Таа била изградена во 1935 година на местото на старо црквиште. Таа стара црква веројатно потекнува од средновековниот период, но не знае точниот период.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 9,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 249,1 хектар, на обработливите површини отпаѓаат 213,9 хектари, а на шумите само 2,8 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Поради лошите услови за стопанство, мештаните оделе на печалба, главно како пекари во градовите Скопје и Белград.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Добрача живееле 150 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Добрача имало 254 жители, од кои 176 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија, 48 Македонци патријаршисти и 30 Роми.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 128-129.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.

Добрача е мало село, коешто во 1961 година броело 246 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 92 жители, од кои 89 биле Македонци, а тројца Срби.

Според пописот од 2002 година, селото броело 76 жители, од кои 75 Македонци и 1 Србин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 49 жители, од кои 43 Македонци, 1 Албанец и 5 лица без податоци.

Родови

Добрача е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото се: Староседелци: Дулутовци (4 к.), Бајдовци (4 к.), Царци (3 к.), Трајановци (9 к.) и Велковци (7 к.), сите родови потекнуваат од двајца браќа кои се викале Ристо и Велко, и кои ја преживеале пропаста на старото село. Во родот Велковци се знае следното родословие: Постол (жив, 65 години во 1971 г.)-Манасија-Анто-Илија-Ристо.

Иселеништво

Добрача до 1944 година пораснала до 40 домаќинства. А потоа настанало големо иселување на населението. Населението почнало да се иселува во Глогоњ кај Панчево (околу 4 семејства), Куманово, Скопје и Белград.

Постари иселеници по селата се: Добрачани (7 к.) се иселени во селото Опае, Бачковци (7 к.) во Горно Коњаре и Китановци (1 к.) во Бедиње.

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Добрача било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Бајловце, во која покрај селото Добрача се наоѓале и селата Аљинце, Бајловце, Брешко, Жељувино и Цвиланце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Драгоманце, во која влегувале селата Драгоманце, Добрача, Коинце, Пузајка и Стрновац.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1169 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Драгоманце.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Горно Селиште ― населба од средниот век.

Цркви Црква „Св. Троица“ (или Свети Дух) — главна селска црква во маалото Село.

Реки Гладнички Дол — мала река низ селото; Добрачки Дол — мала река низ селото; и Драгомански Дол (познат и како Блатнички) — мала река низ селото.

Редовни настани

Слави Духовден — главна селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Добрача Лена Антевска — учесник во НОВ на Македонија и носител на Орден заслуги за народ (II ред).

Галерија

Наводи

Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане