Буковљане — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото
Името на селото е изведено од ојконимот Буково што доаѓа од бука. Додавката „љ“ најверојатно е под српско влијание.
Јован Трифуноски пак забележал дека името на селото може настанало од сечењето на бука, кога дошле првите доселеници и на местото на селото имало само шума.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во крајниот североисточен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, под јужната падина на планината Козјак, во ридско-планинската област Козјачија. Атарот на селото се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 820 до 1.020 метри, а од градот Куманово е оддалечено 42 километри.
До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 на две места, односно може да се стигне до него преку селото Малотино или преку селото Рамно.
Селото се наоѓа на левата присојна падина на долината на Мала Река, притока на Пчиња. Околни села се Цветишница на југозапад и некогашното село Иванковац на северозапад. Водата за пиење доаѓа од извори и кладенци, од кои поглавни се Ливада, Бара, Длага Орница, Појиште и Чешма.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Река Дол, Влачипац, Ковелска Ливада, Петканина Чешма, Белчина Нива, Жута или Смрдлива Вода, Гинино Гробче, Бојини Кладенчики, Пејчинов Лаз, Дренова Глава, Тевоје, Гробје, Орница, Вртешка, Градиште, Чукар, Неранџине Куќе, Село, Церак и Дебело Осоје.
Селото има разбиен тип, што се случило уште при неговото населување. Тоа е поделено на четири издвоени маала: Дренова Глава, Долно Маало, Шопци и Вељковци. Растојанието помеѓу најблиските маала изнесува околу 15 минути пеш. Дури и куќите во самите маала се доста разредени.
Историја
Над селото се наоѓа возвишението Градиште, каде има делови од ѕидови, меѓу кои и делкани карпести блокови.
Трагови на старини се забележуваат и на други делови од селото. Така, на местото Гробје во долниот селски атар има стари гробови во насока север-југ, а се наоѓаат и ќерамиди. Воедно се верува дека таму некогаш постоела црквата „Св. Јован“. Стари гробови во насока север-југ има и месноста Чукар, кое сега се користи како ниви. Трети стари гробишта има на местото Неранџине Куќе, каде има гробови во насока исток-запад. Денешните селани веруваат дека гробовите во насока север-југ се постари и се несловенски, додека гробовите во насока исток-запад се словенски и понови.
Месноста Село се наоѓа покрај Црквишта и месноста Гробје каде има стари гробови. На Село, денешните мештани наоѓале остатоци од ѕидови од куќи и мали рачни воденици. Во традицијата не се пренесува за ова селиште и што се случило на тоа место и со тие жители.
Денешното село не е многу стара населба. Тоа било основано од доселеници во втората половина на век или нешто подоцна. Први доселеници биле предците на денешните родови Вељковци, Гаврилци и Дреноглавци по потекло од Босилеград. При нивното доселување, атарот бил под шума. За да направат ниви, тие ја сечеле шумата, па затоа се мисли дека така настанало името на селото.
По основањето на селото, некој Турчин од Куманово го присвоил. На овој Турчин, но и на неговите наследници, селаните му давале дел од житото, стоката и шумата. Селаните го откупиле атарот во 1878 година.
Во Буковљане нема црква, но мештаните ги одбележуваат Аранѓеловден, Ѓурѓовден и Илинден. Денешните гробишта се помеѓу црквиштето и селиштето.
Мештаните порано воделе спор за месностите Церак и Дебеле Осоје со селаните од Рамно, бидејќи тие месности порано биле нивни, но подоцна биле присвоени од селаните на Рамно.
Стопанство
Атарот на селото не е голем и зафаќа простор од 5,7 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 291,9 хектари, на шумите отпаѓаат 227,8 хектари, а на пасиштата 43,8 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Буковљане живееле 205 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Буковљане имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.
Селото е мало и во 1961 година броело 231 жител, додека во 1994 година 80 жители, од кои 74 биле Македонци, а шестмина биле Срби.
Според пописот од 2002 година, селото броело 75 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 19 жители, од кои 14 Македонци и 5 лица без податоци.
Родови
Буковљане е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1950 година, родови во селото: Доселеници: Велковци (7 к.), доселени се од селото Мусуљ кај Босилеград во Србија. Во првиот род се знае следното родословие: Божин (жив, 55 години во 1950 г.)-Василко-Тодор-Смилко-Велко, кој се доселил околу 1770-1780; Гаврилци (7 к.), огранок на Велковци, живеат во Долно Маало; Дреноглавци (9 к.), исто огранок на Велковци, името го добиле по местото каде им се куќите; Шопци (9 к.), доселени се од селото Долна Лубата кај Босилеград во Србија. Го знаат следното родословие: Трајан (жив, 30 години во 1950 г.)-Александар-Пешо-Стеван-Петар, кој се доселил. Името го добиле во Буковљане. Куќите им се во истоименото маало и Милисковци (3 к.), доселени се од селото Рамно кај Куманово.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
мини|300п|десно|Земјениот пат кој води до селото од селото Рамно на планината Козјак
На крајот од XIX век, Буковљане било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Арбанашко, во која покрај селото Буковљане се наоѓале и селата Арбанашко, Дејловце, Длабочица, Осиче, Рамно и Цветишница. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Арбанашко, во која влегувале селата Арбанашко, Буковљане, Длабочица, Рамно и Цветишница.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1163 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане