Бајловце — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото
Името на селото првпат е забележано во турски документи од век (1583 г.). Низ годините се споменува под слични варијанти. Доаѓа од личното име Бајило изведено од Бај(о) со додавање на -ило што пак се поврзува со имињата Братислав или Братољуб или од хипонимот брат. Може да доаѓа и од Бајлови или пак од личните имиња Благоја и Братимир.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Поглед на маалото Бузовци
Селото се наоѓа во североисточниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија. Селото има ридски карактер на надморска височина од 600 до 760 метри, а од градот Куманово е оддалечено 32 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од државниот пат А2 кај селото Војник.
Бајловце било едно од главните села во источниот крај на Кумановскиот крај. Се наоѓа во горниот слив на реката Петрошница, лева притока на Пчиња. Истото има доста поволна положба. Куќите во поголем дел се допираат со површини погодни за стопанство, како што се обработливите површини на понизок терен (околу 600 метри) и околните пасишта на повисок терен. Водата за пиење доаѓала главно од бунари, а на некои места извираат извори како што се Коруба, Селиште, Барбеш, Блатец и други.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дулумџија, Занаја, Лисица, Високо, Коселица, Лојзиште, Падиште, Рамниште, Старо Село или Селиште, Бозовик, Испос, Мишино, Прогон, Барбеш, Козариште, Зука, Бонковица, Илоче, Голема и Мала Чумица, Враница, Раскрсје, Коруба и Блатец.
Селото има разбиен тип, поделено на 13 издвоени маала во кои главно живее еден род и главно се именувани по родовите. Крајните маала се блиску до околните села, па готово и да се допираат со нив.
Историја
мини|300п|десно|Спомен-плоча за НОБ на ѕид од основното училиште
Во Бајловце има остатоци на многу културни епохи. На повисок терен кон северозапад се издигнуваат три возвишенија: Високо (878 м.), Коселница и Верса. На врвовите на возвишенијата има срушени ѕидови и други старини од некогашни тврдини.
Во тврдините по народното предание живееле „три цара“: „цар Висле“ (во тврдината Високо), „цар Коста“ (во тврдината Коселница) и „цар Верса“ (во тврдината Верса). Меѓутоа, еднаш тие се судриле меѓу себе поради девојки на месноста Падиште и тука еден од нив загинал. На неговиот гроб има голем камен крст. Позначајна била тврдината на Високо, каде има остатоци од ѕидови, куќи, како и бројни цигли и парчиња стара керамика. Санде Петковски од маалото во подножјето на возвишението ископал земјен ќуп во кој можело да се чува 300 килограми жито. Околу селото има и месност Трговиште, од каде селанецот Јевто Милошевски пренел „три коли цигли“.
Селаните пренесуваат и други кажувања за поранешната тврдина Високо. Тука некогаш бил најважниот град во Кумановско. Дури кога оваа тврдина го изгубила значењето, тогаш средиштето на областа се пренело на просторот помеѓу денешните села Нагоричане и Војник, а во поново време тоа станало Куманово.
Бајловце било и седиште на помала жупа во долината на Петрошница, која била заштитена со тврдина во Бајловце.
Не се знае кога е основано денешното село и тоа не е забележано во историските извори. Меѓутоа, најверојатно тоа се случило кон крајот на век, бидејќи околу 1820 година имало само десетина куќи на денешната месност Селиште.
Селиште или Старо Село е место во средишниот дел на атарот, каде биле куќите на предците на денешните селани. Подоцна, таа збиена населба се разбила и тоа се случило уште околу 1820 година. Ова го покажува родословот на родот Височани: Александар (жив, 60 години во 1971 г.)-Доде-Трајко-Велко-Илија, кој се иселил од Селиште во Височко Маало.
Животот на мештаните за време на турската власт бил доста тежок. Селаните биле напаѓани од муслиманските Албанци, кои до 1908 година живееле во некогашното село Блаце.
Во селото постои црквата црква „Св. Димитриј“, која била подигната во 1938 година на темели од стар храм, за кој не се знае кога бил изграден. Црквата се наоѓа на Селиште заедно со задружниот дом и основното училиште.
Поради поволната положба селото претставувало средиште за околните села и во него постоело училиште уште во турско време. Порано селото било и општинско седиште. Во маалото Герасинци постоела и турска кула за стражарење.
Стопанство
мини|300п|десно|Стопански објект во селото
Атарот е голем и зафаќа простор од 23 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.380,4 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 634,6 хектари, а на шумите 39,2 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него работеле продавници, како и фабрички погон за преработка на метали и кожарска работилница за изработка на таписерии од кожа.
Во минатото мештаните се занимавале со сточарство, при што продавале сточарски производи, како и дел од стоката, за да дојдат до пари. Најмногу одгледувале овци, а нешто помалку кози. Исто така, многумина работеле како пекари во Скопје и Куманово.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бајловце живееле 910 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бајловце имало 880 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.
Од Бајловце се иселил значителен број од населението, така што тоа преминало од средно во мало село. Во 1961 година селото броело 707 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 153 жители, од кои 148 биле Македонци, а двајца жители Срби.
Според пописот од 2002 година, селото броело 129 жители, од кои 126 Македонци, 2 Срби и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 61 жител, од кои 57 Македонци и 4 лица без податоци.
Родови
Бајловце е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Доселени со познато потекло: Височани (19 к.), Тресоглавци (9 к.), Рудињци (8 к.) и Герасинци (6 к.), сите потекнуваат од ист предок, според преданието доселени се од околината на Крагуевац, Србија, поради што порано биле познати како Крагуевци. Доселеници со непознато потекло: Павлевци (15 к.), Крстинци (6 к.), Долнобозовчани (13 к.), Горнобозовчани (8 к.), Таверци (8 к.), Грмаѓани (7 к.), Белчинци (4 к.), Грујинци/Грујовци (4 к.) и Ремењарци (4 к.). Павлевци и Крстинци потекнуваат од ист предок. Од родот Павлевци порано потекнувале селските свештеници. Ромски родови: Ѓорговци (1 к.), православни Роми, кои биле ковачи во селото. Во Бајловце се доселиле доста рано. Нивни иселеници има во други кумановски села: Канарево (Стојановски, 1 к.), Младо Нагоричане (1 к.), Љубодраг (1 к.), како и во градовите Скопје (1 к.) и Бор (1 к.).
Иселеништво
Бајловце нема многу добри услови за живот, и затоа од него се иселувало населението. Машкото население најпрво одело на печалба во Скопје и Куманово, а потоа го повлекувало и семејството со себе. Па така од Бајловце има огромен број на иселено население во Скопје (200 семејства) и во Куманово (100 семејства).
Има и други постари иселеници во некои кумановски и скопски села. Орманци иселени се во селото Пелинце. Тодоровци иселени се во селото Карловце. Пирајци иселени се во селото Пузајка. Трајановци иселени се во селото Дељадровци.
Стари иселеници од селото се Митровци (2 к.) во селото Мала Река во Горна Пчиња и Мита (1 к.), во Ново Село во Горна Пчиња.
Општествени установи
Подрачното основно училиште „Христијан Карпош“, деветгодишно основно училиште во состав на ОУ „Христијан Карпош“ - Младо Нагоричане Поранешна пошта Поранешна здравствена амбуланта
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Бајловце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Бајловце, во која покрај селото Бајловце се наоѓале и селата Аљинце, Брешко, Добрача, Жељувино и Цвиланце. Во периодот 1950-1952, селото било исто така седиште на некогашната општина Бајловце, во која влегувале селата Аљинце, Бајловце, Брешко, Жељувино и Цвиланце.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1165 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Блатец — средновековна населба и некропола; Високо — градиште од средниот век; Далјан Бозовиќ — средновековна некропола; и Рамњанска Драка — средновековна населба.
Цркви Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква во Селиште; Црква „Св. Троица“ — главна манастирска црква; и Црква „Св. Богородица и Ана“ — нова манастирска црква.
Манастири Бајловски манастир — нов манастир во селото.
Редовни настани
Бајловски средби — традиционална манифестација за празникот Крстовден во дворот на селската црква „Св. Димитриј“
Личности
Родени во или по потекло од Бајловце Драгинка Илиева Величковска — учесник во НОВ на Македонија Крстана Димитриевска — учесник во НОВ на Македонија Гајта Димовска — учесник во НОВ на Македонија Росанда Зафироска — учесник во НОВ на Македонија Винка Станишковска Јовановска — учесник во НОВ на Македонија Божана Кипријановска (р.1890-) — учесник во НОВ на Македонија
Галерија
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане