Димитар Благоев (; Загоричани, Костурско, 14 јуни 1856 - Софија, 7 мај 1924) — македонски политичар во Бугарија, со потекло од денешниот егејски дел на Македонија, основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП). Во 1903 приврзаниците на Благоев предизвикаа расцеп во партијата и ја преименуваа партијата во БРСДП (тесни социјалисти). Во текот на Првата светска војна БРСДП (т.с.) ја напушти Втората интернационала. Во 1919 БРСДП (т.с.) се преименува во Бугарска комунистичка партија (тесни социјалисти). Неговото име е овековечено во името на градот Благоевград, преименуван од старото име Горна Џумаја во 1950 година.

Животопис

Се школувал во Константинопол, Одрин, Габрово, Стара Загора, Свиштов, во гимназијата во украинскиот град Одеса (1879-80 г.) и на Универзитетот во Санкт Петербург (1881). Bo декември 1883 г. ja организира првата социјалдемократска група во Русија (наречена Благоевска група). Во 1885 г. Благоев започнува да го издава нелегалниот весник “Работи” и воспоставува врска со радикалната социјал-анархистичка Плехановска група во Женева.

Во март 1885 г. Благоев е уапсен и интерниран во Бугарија. Од јуни 1885 г. во Софија почнува да го издава списанието “Современ показател”. Во него тој ги застапува идеите на научниот социјализам. Во брошурата “Што е социјализам и има ли за тоа почва кај нас?” Благоев ги изложува основните положби на научниот социјализам и ги критикува мнението дека во Бугарија нема услови за социјалистичко движење.

Благоев е основач, идеолог и долгогодишен предводник на Бугарската работничка социјалдемократска партија, претходничка на Бугарската социјалистичка партија. БСДП е основана на 2 август 1891 г. на врвот Бузлуџа на Балкан планина.

Во периодот помеѓу 1897 - 1924 г. Благоев го раководи издавањето на теоретичкиот орган на партијата - списанието “Современ показател”, автор е на над 500 статии. Во 1905 г. го преведува на бугарски првиот том на “Капиталот” на Маркс, со свој предговор. Починал на 7 мај 1924 г. во Софија.

Еден од поголемите градови во Пиринска Македонија Горна Џумаја, на 9 мај 1950 г. е преименуван во Благоевград, во чест на Димитар Благоев.Енциклопедија Македоника, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 169

Димитар Благоев за Македонија и Македонците

Изјави на Димитар Благоев во Бугарскиот парламент по повод учеството на Бугарија во Балканските војни и во Првата светска војна (види: Орде Иваноски: “Искажување на Димитар Благоев за народността на Македонците пред Бугарскиот парламент во 1917“. Современост, Скопје, јануари 1967):

„Која историја? Таа ли, која вие ја фалсификувате? Таква историја ние не признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво „обединување на бугарското племе“, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата што и се неопходни на бугарската буржоазија за да може да излезе на големите водни патишта и на Егејско Море.“ „Јас сум родом од Загоричане, меѓутоа јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, македонски Славјанин! ...И како таков, ако сакате да знаете, јас сум за Македонија како словенска земја, која ќе има сопствена управа.“Говорот на Димитар Благоев „Дедото“ во Бугарското народно собрание „Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско, дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот цар, „мир без анексии, без обесштетување и со право на народите на самоопределување“. Ако сте убедени дека некаде има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат.“ “Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто што ве тревожи, има некои области завладеани од вас, кои ако се подложат на референдум ќе ви се измолкнат од рацете.“

Други изјави Димитар Благоев: “Роден сум во фамозното македонско село Загоричани, Костурско. Тоа е големо, чисто бугарско село, сместено во последните ридски падини на јужните ограноци на големиот планински масив Вич Планина.“Благоев, Д. Кратки бележки из моя живот, София, 1977

Извори

Надворешни врски

Пасус од книгата на Димитар Косев "Петко Рачев Славейков, Обществена и политическа дейност", БАН, 1986. стр. 167 Искажување на Димитар Благоев за народноста на Македонците пред бугарското собрание во 1917 година "Кратки бележки из моя живот" "Принос към историята на социализма в България" "България до Освобождението"

Категорија:Бугарски политичари од Македонија Категорија:Македонски комунисти Категорија:Бугарски комунисти Категорија:Луѓе од Загоричани Категорија:Родени во 1856 година Категорија:Починати во 1924 година Категорија:Починати во Софија