Топлик (порано: Топлиќ) — село во Општина Штип, во околината на градот Штип.

Географија и местоположба Селото се наоѓало во западниот дел на Општина Штип, во подножјето на планината Серта. Од градот Штип, селото е оддалечено 12 километри.

Топлик било мало село во југоисточниот дел на долниот слив на Брегалница, сместено на рамнина висока околу 500 м. Недалеку од селото се наоѓало Едеклерци. Во минатото, водата за пиење доаѓала од една чешма (Балар Алти) и еден бунар (Топлички Бунар).

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Осој, Хисар, Аузбаша, Капинливица, Каваклар, Машаклар, Крсташ, Топлички Бунар, Караушлар, Смрекарник и Таштрла.

Историја Подрачјето на Топлик е населено барем од доцноантичко време, за што сведочат остатоци на населба на наоѓалиштето Хисар. Според Јован Трифуноски, во 1960-тите сѐ уште се познавале остатоците од тврдина.

На месноста Машатлак, југозападно од селото, постојат над 100 гробови со камени плочи и крстови. Тие му припаѓале на некогашното македонско население. Во источниот крај на гробиштата подоцна никнале и неколку влашки гробови.

Првобитно, Топлик било чисто македонско село. Имало околу 10 домаќинства, чиишто членови биле чифчии на штипскиот бег Пупе Мамуд. Во 1913 г. селото било запалено од Турците што живееле во околните села, поради што сите негови жители се иселиле во Штип.

Во 1918 г. имотот на штипскиот бег го откупил влашкиот сточар-ќаја Нако Наков од Коњух, Кратовско. Со него се доселиле и братовите внуци и сестрините внуки, собрани во 9 домаќинства, од кои родот Наковци (Николовци) имал 7, а Ѓорѓиевци 2 домаќинства. Покрај нив, во селото живееле уште 3–4 други влашки семејства, чиишто мажи биле овчари кај Нако.

Топлик е наполно раселен по 1957 година, кога атарот го зафаќа сточарското стопанство „Први Мај“ поради пространите пасишта. Од селото денес се зачувани четири влашки куќи изградени по Втората светска војна, а околу нив се зачувани и неколку големи трла.

Во 2014 г. на селото официјално му е вратено од традиционалното име Топлик наместо дотогашното Топлиќ.

Стопанство Атарот зазема простор од .

Населението на Топлик се занимавало главно со сточарство. Сточарот Нако Наков во 1948 г. имал околу 6.000 овци, 150 говеда и 100 коњи. Истата година, целиот негов добиток бил национализиран.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Топлик живееле 42 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 231.

На етничката карта од 1927 г. Леонард Шулце Јена го покажува Топлик (Toplik) како село со нејасен етнички состав.Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Власи.

Во 1953 година во селото живееле 73 жители, сите Власи. Селото е напуштено по 1961 година, кога броело 23 жители, од кои 12 Албанци и 11 Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Иселеништво Од селото има иселеници во градот Штип (Штерјо и Зико Николови), како и во селата Криви Дол (Никола Михајлов Николов), Чардаклија (Никола Митев Николов), Пенуш (Никола Илијов, Ташко, Ристо и Коста Ѓорѓиеви), Доброшани (Штерјо Ѓорѓиев). Семејствата на Наковите сточари исто така се иселиле во околните села.

Самоуправа и политика На крајот од XIX век, Топлик било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Штип, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Штип.

Во периодот 1957-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Штип. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Лакавица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Драгоево, во која покрај селото Топлик, се наоѓале селата Драгоево, Едеклерци, Јамуларци, Пенуш, Селце, Скандалци, Софилари, Хаџи Реџепли, Хаџи Сејдели, Хаџи Хамзали и Црешка. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Драгоево, во која влегувале селата Драгоево, Пенуш, Селце, Софилари, Топлик, Хаџи Реџепли, Хаџи Хамзали и Црешка.

Културни и природни знаменитости Археолошки наоѓалишта Хисар — населба од доцноантичко време во тромеѓата помеѓу Топлик, Едеклерци и Хаџи-Хамзали

Личности Родени во Топлик

Доне Топликлиев — македонски револуционер, деец на ВМОРО, загинал пред 1918 г.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Штипски села Категорија:Села во Општина Штип Категорија:Раселени села во Македонија